Наќе Чулев во бесмислен „натпревар“ околу тоа кој предложил олеснување на полицискиот час


Откако стана извесно дека полицискиот час најверојатно ќе биде скратен и ќе почнува од 19 часот навечер и ќе трае до 5 часот наутро, техничкиот министер за внатрешни работи се обиде да си ја припише оваа мерка како своја „заслуга“, а владини извори тврдат дека тој предлог дошол од Комисијата за заразни болести, кој потоа бил презентиран до Главниот кризен штаб.

Чулев на Фејсбук објави каква била неговата „заслуга“: „Имајќи ги предвид статистичките податоци кои се однесуваат на лицата кај кои е утврдено присуство на корона вирусот кои имаат надолна тенденција и фактот дека зад нас е ограничување на движење кое траеше цели 85 часа, и кое покрај превентивна здравствена улога, имаше негативно влијание на психосоцијалната состојба кај граѓаните, ја информирам јавноста дека утрово на седницата на кризниот штаб во рамките на Владата предложив итно и неодложно намалување на времетраењето на ограничувањето на движењето за граѓаните“.

Но извори од владата велат дека Главниот кризен штаб секогаш одлучува според предлозите на епидемилозите а не на министрите (иако тие ја носат одлуката), па така овој предлог за олеснување на полицискиот час дошол од Комисијата за заразни болести на нејзиниот денешен утрински состанок. Овој предлог на комисијата утринава на штабот го пренесол министерот за здравство Венко Филипче. Овие извори, исто така, велат дека Чулев пред велигденските празници се залагал за заострување на мерките, а не за нивно олеснување.

Изгледа несоодветно да се случува „натпревар“ за тоа кој што предложил во Главниот кризен штаб околу мерките за олеснување на полицискиот час. Владата, премиерот Оливер Спасовски, а и министрите Венко Филипче и Наќе Чулев, досега унисоно тврдеа дека сите мерки што се носат се на предлог на епидемилозите. Со својата „интервенција“ објавена на Фејсбук (доколку е вистинита) Наќе Чулев се обидува работата да ја сврти од експертските во политичките раце. А тоа не би било добро во овој клучен момент во борбата против корона вирусот. Македонија досега внимателно се справуваше со епидемијата најмногу благодарение на квалификуваните предлози на здравствените експерти и сега би било бесмислено доколку политичарите би сакале да стават свој печет врз работата на медицинските професионалци. (Р.Н.)