Наќе Чулев тврди дека не знаел ништо за дипломатскиот скандал
Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Наќе Чулев, ја префрли целата одговорност за дипломатскиот скандал поврзан со Ерменија на Оливер Спасовски. Чулев реагираше на изјавата на Спасовски дека меѓународната потерница за Миле Миленкоски била распишана кога тој бил технички министер.
„Мојата улога како технички министер во Владата беше спроведување на парламентарните избори. Краткиот период и големите опструкции беа пречка да се расчистат сите криминали во кои се инволвирани највисоките структури во МВР. За тоа допрва доаѓа времето. Убеден сум и верувам дека правдата ќе го стигне и него [Спасовски] и секој кој постапувал спротивно на законот, на тој начин изневерувајќи ја довербата на граѓаните и валкајќи го угледот на државата и уништувајќи ја нејзината европерспектива.
Додека јас бев министер, ниту еден од пионите на Оливер Спасовски до мене не достави информација за каков било криминал од меѓународни размери, напротив тие по негова насока правеа опструкции и вешто ги сокриваа скандалите правени од негова страна. Исто така, дополнително ниту која било друга државна институција не ме информираше за наведениот скандал. Доколку сака вината во некого да ја побара тоа нека го направи во кадрите поставени од Владата и лично од него“, напиша Чулев на Фејсбук.