Наќе Чулев до Заев: Правдата доаѓа по 15 јули


Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, одговорајќи на денешните прозивки од Зоран Заев по објавувањето на „бомбата“ за Христијан Мицкоски и Орце Камчев, му порача на лидерот на СДСМ дека институциите ќе проработеле по 15 јули.

Во неговиот писмен одговор Чулев вели дека полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сториле кривично дело и дека тоа не било ниту негов избор ниту негова одлука.

„Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев“.

Чулев вели дека правда за граѓаните мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата. „Можеби во техничката влада правдата е побавна, но ги убедувам граѓаните дека после 15 јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата“, нагласува министерот Чулев.