Наке Чулев: Не се размислува се уште за кризна состојба во Скопје како во Дебар


Техничкиот министерот за внатрешни работи Наке Чулев соопшти дека се уште не се размислува за воведување кризна состојба во Скопје како таа во Дебар , откако бројот на заболените од вирусот корона во главниот град го надмина тој во Дебар и во Центар Жупа. Според Чулев таа одлука сепак треба да ја донесе Владата, но сега ситуацијата се контролира со зголемен број на полициски службеници кои ги контролираат тие што се во самоизолација и изолација.

Зголемениот број на откриени случаи во Скопје, според него, се должи на тоа што повеќе граѓани самоиницијативно се тестираат во приватните болници што е добро .Тој не исклучи можност  наредните денови да се донесат поригорозни мерки за (не)движење на граѓаните.

Генерално  3.787 лица во земјата сега се контролираат од полицијата двапати дневно дали ги почитуваат мерките за самоизолација, откако се откри дека многу од нив потпишуваат изјави кога доаѓаат во земјата, но не го прават тоа на што се обврзале.

Чулев исто така соопшти дека, доколку не се почитува забраната за собирање во групи од пет и повеќе лица, припадниците на МВР ќе преземат мерки за растурање на групата со предупредување, а ќе се преземат и мерки согласно Законот за јавен ред и мир.

Во однос на тоа дали има потреба да се активира резервниот полициски состав, Чулев потенцира дека МВР врши анализа во однос на потребите за ангажирање на резервниот полициски состав, но оти засега нивното ангажирање не е неопходно.

– Голем број полициски резервисти сами се пријавуваат, но засега не е неопходно тоа, додаде Чулев.

Тој информира дека во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат поднесени до Владата и други уредби со законска сила во однос на продолжување на важноста на личните документи, пред се личните карти, пасошите, престојот на странци и возачките дозволи, а ќе се разгледа можноста од издавање на личните документи на друг начин.