Најверојатно Владата денеска ќе дозволи дневен престој во училиштата


Фото: Б. Грданоски

Сѐ уште нема конечна одлука за организирање дневен престој за учениците кои со физичко присуство ќе следат настава годинава, но Владата денеска ќе одлучува за тоа.

Министерката за образование Мила Церовска, рече дека разговарано е за овојпроблем и според насоките кои ги имаат од Комисијата за заштита од заразни болести не би требало да е проблем да се организира дневен престој за децата чии родители се на работа и по завршувањето на часовите.

– Ако се пушти целодневната настава, малите групи од 20 ученици ќе си работат со двете наставнички како што си било. Не станува збор за дневен престој, туку за целодневна настава. Дневниот престој не е дискутиран зашто таму се мешаат деца од повеќе одделенија и од повеќе групи, а во целодневната настава се едното одделение со истите наставнички. Затоа е важно тоа денеска да се разгледа на Влада и да се донесе одлука како што препорачуваат од Комисијата за заразни болести, рече Царовска при посетата на основно училиште во Гази Баба.

Секако, допони таа, можеби во некои училишта ќе биде потребен дополнителен кадар, но има и технички кадар кој ќе може да биде искористен за таа потреба.

-Имаме друг персонал којшто може да се вклучи за поддршка на целодневната затоа што во вториот дел од наставата имаме повторувања на знаењата кои поминале во текот на денот, што значи дека и друг од училиштето може да помогне тука, а по Законот за работни односи имаме можност и за плаќање дополнителни часови, додаде министерката.

Претседатрелот на СОНК Јаким Неделков ја нагласи важноста да се најде решение за поголем обем на работа на наставниците и дека е сериозен проблем дуплирањето на часови со оглед на кадарот со кој располагаат училиштата особено ако се воведе  целодневната настава.

– Во соработка со МОН и со локалните самоуправи ќе се изнајдат решенија за сатисфакција на дополнително вложениот труд на оние наставниците кои вонредно ќе имат дополнителен број часови. За нас како Синдикат е неприфатлива опција 50 наставни часови во текот на неделата, но очигледно имаме разбирање од социјалните партнери и моето убедување е дека во рамките на нивните надлежности, на МОН и на ЗЕЛС, ќе се изнајде решение зашто имаме реален проблем, додаде Неделков.

Имајќи предвид дека децата годинава ќе посетуваат скратена настава, по 11 или 12 часот, оние од прва смена треба да си одат дома, а нема кој да ги чува со оглед на тоа што родителите им се на работа. Затоа, дел од родителите инсистираа да се обезбеди дневен престој за нивните деца.