Најубавите актерки не личат на себе: Кидман, Терон и Роби во „Бомбшел“


САД- Последниот пат кога Никол Кидман и Шарлиз Терон беа подложени на екстремни промени во изгледот – во филмот „Часови“ од 2002-та година и „Чудовиште“ од 2003-та година – резултатот кај двете беше Оскар за најдобри женски улоги. Имајќи го ова предвид, немојте да се изненадите ако и двете ѕвезди завршат во трка за истата статуетка за „Бомбшел“, контроверзната драматизација на Џеј Роуч за настаните околу падот на озлогласениот мозок позади „Фокс њуз“, Роџер Аилс. Неодамна објавениот тејлер за „Бомбшел“ открива како филмот ги трансформира Кидман и Терон во две од најпознатите водителки од телевизијата… и тоа е прилично драматична трансформација.

Шарлиз Терон како Мегин Кели, Никол Кидман како Гречен Карлсон и Марго Роби како Кејла Посписил (фиктивен лик во кој се претопени неколку ликови за потребите на филмот) во „Бомбшел“.

Со премиера закажана на 20 декември, во филмот Кидман ја глуми Гречен Карлсон, чија тужба за сексуално вознемирување во 2016 година започна да ги врти тркалата што на крајот ги турна Аилс од врвот (Аилс во филмот е портретиран од Џон Литгоу, кој не се појавува на промотивното видео). Терон ја игра Мегин Кели, тогашната суперѕвезда-тв водителка која ја запечати судбината на нејзиниот шеф, кога го додаде свој глас на последователниот хор на жени со приказни за злоупотребата на Аилс. Исто така, во трејлерот е и Марго Роби како соработник на продуцентот на „Фокс њуз“, Кејла Посписил. Не го барајте бадијала ова име на интернет за да видите дали таа наликува на ѕвездата од „Си било некогаш во Холивуд“: Посписил е изум на сценаристот Чарлс Рандолф, кој е коавтор огромниот филмски хит од 2015-та  година, „Биг шорт“, во кој исто така се појавува Роби.