Најстариот жив претседател на САД се опоравува по интервенцијата


Поранешниот претседател на САД Џими Картер (95) се опоравува во болница во Атланта.

Картер безбедно ја мина интервенцијата со која му е ослободен притисокот на мозокот од крварењето предизвикано со неодамнешниот пад, се наведува во соопштението на Картер Центарот.

Најстариот жив претседател на САФ е примен во универзитетската болница Емори во понеделникот вечер по закажаната процедура, три недели откако при пад во својот дом во Плејнс во државата Џорџија претрпе полесна фрактура на карлицата, јавува Ројтерс.

„Нема компликации од операцијата. Претседателот Картер ќе остане во болница онолку колку што е препорачано за следење“, се наведува во соопштението.

Картер, поранешен фармер и гувернер на Џорџија, го победи републиканскиот претседател Џералд Форд во 1976. година и стана 39. претседател на САД.

Неговото претседалствување беше засенето од економската рецесија, енергетската криза и иранската заложничка криза, но тој одигра водечка улога во посредувањето околу договорот од Камп Дејвид кој доведе до мировен договор меѓу Египет и Израел.

Ја загуби кандидатурата за нов избор во 1980. година од републиканецот Роналд Реган.

Откако ја напушти функцијата во 1981. година, Картер стана угледен хуманитарец. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 2002. година за напорите во пронаоѓање мирни решенија на меѓународните конфликти, унапредување на демократијата и човековите права и поттикнување на економскиот и друштвениот развој.

Тој и неговата сопруга го основаа Картер центарот во 1982 со цел да продолжат со својата меѓународна и хуманитарна работа.

Картер живее подолго по напуштањето на Белата куќа од било кој поранешен претседател во американската историја.