Најпознатиот епидемиолог во Србија вели дека на 2 јули не починале 6, туку 52 лица


Зоран Радовановиќ вели дека здравствените власти во Србија неколкукратно ги намалуваат и бројките на заразени и на починати

Името на д-р Зоран Радовановиќ во Србија се изговара со почит. Денес пензионираниот професор на Медицинскиот факултет во Белград се смета за еден од најистакнатите експерти од областа на епидемиологијата и превентивната медицина.

И, кога таков експерт вели дека бројот на починати од Ковид-19 е фалсификуван во Србија, тогаш треба да обрнеме внимание на тоа. Поточно, Радовановиќ вчера рече дека секој ден има сѐ повеќе и повеќе луѓе заразени со корона вирусот во земјава, дека официјалниот број на смртни случаи и инфекции е намален многу пати во однос на реалниот и некои свои колеги, кои го сметаат за свој ментор, ги прозва за „морално паѓање“.

За разлика од многу други во денешна Србија, Радовановиќ никогаш не се придржуваше кон здравствената политика за која се залагаше државниот апарат, пишуваше весникот „Данас“ пред помалку од два месеци. Како човек кој се бореше против епидемијата на големи сипаници во 1972 година, како некој што предаваше на генерации на нови епидемиолози и како автор на повеќе од 300 научни трудови, Радовановиќ не се двоумеше да го критикува популистичкиот пристап на владата од позицијата на експерт.

Во понеделникот, на форумот „Научна експертиза и јавна политика: Помеѓу власта и злоупотребата“ во Дорќол плац, Белград, тој беше можеби најдиректен досега. Наведувајќи го како пример официјалниот број на починати на 2 јули објавен во Србија, што е многу далеку од вистинскиот број на смртни случаи од Ковид-19 тој ден, тој покажа како се фризираат корона бројките.

„Ако би ви кажал дека имало официјално шест смртни случаи во Србија на 2 јули и дека вистинскиот број бил 52, тогаш ќе ме прашате како го знам тоа и тогаш морам да го откријам идентитетот на колега од Клиниката за инфективни болести кој се бореше со неколку смртни случаи за осум часа, кој знае колкумина умреле во други болници и одеднаш гледа извештај – само шест. И тогаш ќе му зоврие“, рече Радовановиќ, а пишува Нова.рс.

Радовановиќ вели дека тој се претворил во еден вид на „рамо за плачење“ за неговите колеги, од кои многумина го повикуваат и му кажуваат за поголем број смртни случаи отколку што беше најавено.

„Ми се јави една колешка што не ја познавам од југот на Србија и вели дека пет лица починале кај нив минатата ноќ. Таа ми рече ‘ги пополнував формуларите, значи тоа е сѐ Ковид-19, а тоа не се појавува во извештаите’“,вели Радовановиќ.

Тој додава дека има многу повеќе позитивни лица секој ден од оние 300 или нешто повеќе што се објавуваат, а дека во тие 7.000 или 9.000 тестирани не треба да се вклучат само тестовите за тоа дали некој е позитивен, туку и серолошките тестови.

„Тука има многу лажење, но се знае дека бројот е многукратно намален, и на бројот на починати и на бројот на умрени во Србија, сѐ е јасно. Тоа е моралниот пад на моите колеги“, заклучи Радовановиќ. (Јутарњи лист)