Најпопуларната џез-пејачка во светот, Сесил Меклорин Салвант од САД, го отвора 43. Скопје џез-фестивал

Годинава има еден голем исчекор да најголем дел од концерти се наполно ексклузивни и се случуваат само во Скопје. Исклучок е само Салвант, која е на куса европска турнеја“, посочи на денешната прес конференција Оливер Белопета, директор на СЏФ


Супериорно најдобрата и најпопуларна џез-пејачка во светот, трикратната греми-лауреатка, Сесил Меклорин Салвант од САД, со својот блескав квартет, во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти – Саливан Фортнер, на 17 октомври (НОБ, 20 ч.), го отвора 43. издание на „Скопје џез-фестивал“. Во рамките на фестивалот, кој ќе се одржува во македонската метропола до 20 октомври, публиката ќе има можност да ужива во ексклузивните настапи на некои од најголемите светски имиња на современиот џез и на креативната музика денес.

„Инаку, Сесил Меклорин Салвант е композиторка, пејачка и визуелна уметница позната по својот специфичен пристап кон музиката, комбинирајќи елементи од џезот, блузот, фолкот, како и од театарската и од барокната традиција. Опишана од Џеси Норман како ‘уникатен глас поткрепен со интелигенција и со апсолутна музикалност’, Салвант се прослави со својата способност да ‘откопува’ заборавени песни, ‘оживувајќи’ ги со силни наративи, неочекувани пресврти и со богата емоционална длабочина. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи доживувања, во кои таа покажува неверојатни чувство и талент за раскажување приказни“, посочуваат од „Скопје џез-фестивал“, најавувајќи ги и другите изведувачи што годинава ќе ја збогатат програмата.

„Фестивалот го претставува она што е најактуелно и она што е важно, најкреативно од џезот и импровизираната музика. Годинава има еден голем исчекор да најголем дел од концерти се наполно ексклузивни и се случуваат само во Скопје. Исклучок е само Салвант, која е на куса европска турнеја“, посочи на денешната прес конференција Оливер Белопета, директор на Скопје џез фестивал.

Истата вечер, во МКЦ (23 часот), ќе настапи македонскиот бенд „Next to Silence“, во кој членуваат Кирил Кузманов – саксофон, Ади Амери – гитара, Филип Димишковски – клавијатура, Драган Стојковски – бас-гитара и Гоце Наумов – тапани.

„Next to Silence“ нема правец, но има насока. Сочинет од членови на некои од најистакнатите македонски музички состави и оркестри, бендот ја следи епифанијата од звукот по кој трага, движејќи се по насока за која не знае во кој правец го води.

„Нивната музика досегнува предели и поимања што тие ги допираат единствено поради уникатниот спој на своите различни музички карактери и поради истенчената префинетост да се говори без зборови “, стои во најавата на нивниот концерт.

На 18 октомври, во НОБ (20 ч.), концерт ќе одржи бендот „Rodrigo Amado The bridge“. Познат како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов, португалскиот саксофонист Родриго Амадо е мајстор на инструментот, со беспрекорна техника и со фасцинантна експресивност, кој со задоволство ја прифаќа сета слобода што му ја дозволуваат фри џезот и импровизираната музика. Во квартетoт „The Bridge“, тој обединува три од своите најсилни долгогодишни влијанија, сите лидери во својот домен: маестралниот германски пијанист – Александар фон Шлипенбах, норвешкиот волшебник на контрабас – Ингебрит Хакер Флатен и легендарниот американски тапанар – Џери Хемингвеј.

Таа вечер, во НОБ (22 ч.), ќе настапи и бендот „Тhe end“, експериментална музичка група што се појави во 2018 год., обединувајќи експлозивна екипа таленти од Норвешка, Шведска и од Австрија. Нивната музика е уникатен спој на жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со елементи од мавританската, етиопската, индиската и од скандинавската народна традиција.

Њујоршкиот пијанист и композитор по потекло од Куба, Давид Вирејес, ќе настапи на 19 октомври, во НОБ (20 ч.). Тој органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет, интерес што го пројавува уште на 14-годишна возраст. Иако го смета своето творештво за „сто проценти традиционално“, во практика, тој создава синкретична нова лична музика, наместо проста мешавина од елементи или рециклирање.

Таа вечер (НОБ, 22 ч.) ќе може да се проследи настапот на „Rob Mazurek Exploding star orchestra“. Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, апстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите. Нивниот настап на 43. „Скопски џез-фестивал“ претставува концертна премиера на новиот, штотуку објавен албум на „Exploding Star Orchestra“ – „Live at the Adler Planetarium“.

На полноќ, во Младинскиот културен центар, пак, ќе настапи бендот на Алабастер де Плум. Опишан како уметник чија „најголема вредност е отвореноста“, тој ги обединува џезот и перформативната поезија во една оригинална и општествено свесна уметничка форма. Со потекло од Манчестер, а со живеалиште во Лондон, Де Плум создава музика што им пркоси на сите категоризации, своевиден спој на ведри мелодии и на политички обоени химни, кои го критикуваат општествениот егоизам и самозадоволство и се залагаат за човечка интеракција.

Последната вечер, (20 октомври, 20 ч.), во Националната опера и балет ќе настапи дуото Никол Мичел – Марк Сандерс. Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор, а Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри џезот и на слободната импровизација.

Во 22:00 ч. (НОБ), пак, настапува „Fire! Orchestra“, идејна творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани), која низ годините прерасна во опасен колектив што им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од фри џез, психоделичниот рок, пост-боп, ноиз, краутрок и даб- музиката.

Дел и од годинашниов „Скопје џез-фестивал“ е програмата плус, во рамките на која, на 16 октомври, во галеријата МКЦ (19:30 ч.), ќе биде организирана изложба – „Rob Mazurek: Radical Chimeras“, во Кино „Фросина“ (21:00 ч.) е документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, додека на 19 октомври, во „Јуроп хаус“ (12:00 ч.) ќе биде одржана работилница за деца – „Jazz for Kids“.