Најнов биланс од земјотресот во Албанија: 20 загинати, повеќе од 600 повредени


Бројот на загинати во денешниот силен земјотрес во Албанија се искачи на 20, откако беа пронајдени уште четири тела, а повеќе од 600 лица се повредени.

Тоа го потврди министерството за одбрана во Тирана.

Во соопштението се наведува дека две тела на машки лица се пронајдени под рушевини на хотел во Драч.

Претставникот на Приштина во Тирана Наит Хасани потврди дека во земјотресот во Албанија страдале двајца браќа од Гњилане.

Шемси и Иза Абази страдале во Драч. Хасани, кој се наоѓа на местото на настанот, за приштинскиот портал „Љајми“ изјави дека телото на Иса Абази е извлечено од рушевините, додека телото на неговиот брат и понатаму е затрупано под рушевините на хотелот.

Како што пренесува АП, се верува дека под срушените згради во Драч на запад и во Туман на северот од земјата и понатаму се наоѓаат голем број заробени луѓе, а досега се извлечени 43.

Спасувачки екипи од цела Европа пристигнаа во Албанија за да помогнат во акцијата за спасување.

Градоначалникот на Тирана Ерион Вељијај изјави дека, според првичните проценки, во тој град од серијата денешни земјотреси страдале околу 500 згради.

Вељијај за Еуроњуз изјави дека во Тирана се отворени сите прифатни центри за сместување на граѓаните, кои морале да ги напуштат своите домови. Во тие центри во главно се сместени, според неговите зборови, стари и болни лица, па им е обезбедена и постојана медицинска нега. Персоналот во тие центри ќе работи 24 часа, а центрите ќе бидат отворени се додека не бидат извршени стручни проценки за степенот на загрозеност на сите објекти.

„Во овој момент е најважно да спасиме човечки животи, а се друго подоцна ќе биде надоместено“, изјави градоначалникот на Тирана.

Вељијај изјави и дека штетата која ја претрпела Тирана не е ни блиску до онаа која настанала во Драч и Туман, каде практично беше епицентарот на најсилниот потрес, кој беше 6,3 степени.

Примети и дека оваа природна катастрофа покажала огромно ниво на солидарност меѓу граѓаните, кои, како што рече, во овие најтешки моменти го покажале своето вистинско лице.