Најмногу корупција во општините има при вработувањата


Голем број граѓани во земјава сметаат дека корупцијата е присутна на локално ниво, но уште поголем процент сметаат дека пријавувањето корупција е однапред изгубена битка, покажува истражувањето на јавното мислење за перцепцијата на граѓаните за присуството на корупција на локално ниво направено од НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Рефлектор врз антикорупциските практики на локално ниво“, финансиски поддржан од УСАИД.

„Корупцијата во општините, според граѓаните, најзастапена е при вработувањата, назначувањата директори, издавањето градежни дозволи, инспекцискиот надзор, подготовката на деталните урбанистички планови, јавните набавки, субвенциите. Граѓаните се изјасниле дека сите функции и позиции на локално ниво се подеднакво подложни на корупција, но потоа ги издвоиле локалните инспектори, градоначалниците, општинските службеници и директорите на јавните институции, претпријатија и установи на локално ниво,“ се вели во истражувањето.

Граѓаните исто така не биле многу задоволни од транспарентноста и отчетноста на општините односно сметаат дека општинските буџети не се трошат за задоволување на нивните потреби, дека не се доволно вклучени во планирањето на буџетите, но и дека не се доволно информирани за тоа како се трошат општинските пари.

„Според граѓаните најмногу корупција има при вработувањата во општините, јавните претпријатија и установите (66 проценти), назначувањето директори на јавните претпријатија и други институции (66 проценти), издавањето градежни дозволи (62 проценти), спроведувањето инспекциски надзор (61 проценти), подготовката на деталните урбанистички планови (59 проценти), спроведувањето јавни набавки (59 порценти), доделувањето субвенции (59 проценти) и наплатата на даноците (56 проценти). Покрај перцепцијата на граѓаните дека на локално ниво има корупција, загрижувачки е податокот дека дури 66 проценти сметаат дека пријавувањето корупција може да му предизвика проблеми на оној кој пријавил коруптивно однесување, а речиси 60 проценти сметаат дека пријавувањето корупција е однапред изгубена битка бидејќи надлежните институции не се ефикасни во спречувањето и санкционирањето на корупцијата,“ се додава во истражувањето.

На прашањето каде би пријавиле корупција, речиси четвртина од испитаниците (22 проценти) воопшто не би пријавиле корупција, 33 проценти би пријавиле во полиција, 18 проценти во медиумите, 17 проценти во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), 8 проценти кај Омбудсманот, 7 проценти во обвинителство и 4 проценти кај некоја граѓанска организација.

Од аспект на транспарентноста и отчетоста на општините, мнозинството од испитаниците не се чувствуваат вклучени во планирањето на општинските пари и не се доволно информирани за тоа како се трошат општинските средства.

„Во однос на работата на градоначалниците, 38 проценти од граѓаните сметаат дека градоначалникот во нивната општина одлично си ја врши својата работа, а 37 проценти му даваат негативна оценка. Највисока оценка на своите градоначалници им дале жителите на Вардарскиот, Североисточниот и Југоисточниот регион, додека помалку задоволни се жителите на Скопскиот, Пелагонискиот и Полошкиот регион. Жителите на руралните средини се позадоволни од градоначалниците за разлика од оние во градовите,“ се додава во соопштението.

Телефонската анкета била реализирана во јануари годинава, од агенцијата „Индаго“, на репрезентативен примерок од 1.102 испитаници.