Најмногу девет дена во годината македонските граѓани дишат чист воздух
Општините немаат и не сакаат да имаат локални инспектори бидејќи ќе се замерат со тие што донираат за нивната политичка партија, смета Ана Петровска од Зелен институт

Само два до девет дена во годината граѓаните во Македонија дишат чист воздух според податоците на мерните станици во поголемите градови во државата, порача Татјана Чакулев од „О2 Иницијативата“, во денешната расправа за аерозагадувањето во Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот.
Велес, кој е еден од најзагадените градови во Македонија, веќе пет години нема инспектор за животна средина, а според оценката на Игор Смилев од невладината Green Power Veles локалната самоуправа не ни сака да има.
Според неговите сознанија во Македонија има само 14 инспектори за животна средина а не 17, како што се верува, и невозможно е тие да ја контролираат целата држава. Тој исто така соопшти дека од 365 дена во Велес 135 дена загаденоста е над дозволеното ниво, односно секој третти ден граѓаните таму дишат токсичен воздух. За ваквите состојби тој ги обвини сите политички власти и партии во земјата бидејќи не презеле ништо да се смени состојбата, изразувајќи сомнеж дека Македонија воопшто имала еколошка политика надвор од таа на хартија.
„Виновни сте сите политички фактори за аерозагадувањето во Македонија. Виновни сте што дозволивте граѓаните да се задушуваат во најзагадената животна средина. Виновни сте за непочитување на законите кои постојат, а не се спроведуваат. Виновни сте што не нѐ ослободивте од старите извори на енергија и што сте посветени и натаму на користењето јаглен. Виновни сте што, додека другите се движат кон обновливи извори и одат напред, ние останавме заглавени околу ова прашање“, порача Смилев. Според него, ништо што не значи повраток на пари не е цел на власта во Македонија.
Тој наведе и некои поразителни факти: Во 2019, 2020, 2021 година, Македонија е апсолутен и несоборлив европски рекордер по највисока средно-годишна концентрација на изложеност на PM2.5 (30.3 μg/m3) и над 50 отсто од целото наше население дише токсичен воздух што е нeзапамтен параметар на европско тло. Во Велес 5 од вкупно 30 случаи на рак на белите дробови се од изложеност на ПМ 2.5 честички или 16.1 отсто од вкупната смртност од овој тип рак се од загадувањето. Дури 12 смртни случаи ( од вкупно 94) од мозочен удар се директна последица од загадувањето или 13 отсто од вкупната смртност на велешани од мозочен удар се од загаден воздух! За новозаболените велешани од астма се уште пофрапантни и попоразителни информациите.

Бојан Трпевски од Здружението на млади правници рече дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина и затоа, рече тој, тоа е еден од предизвиците со кои се соочуваме. Нивното здружение поднело две тужби во судовите во Скопје и Битола, против Владата и против Град Скопје, односно против МЖСПП и Општина Битола, како и поведени други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад. За жал, рече Трпевски, сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур. Тековно имаат пред Виш управен суд постапка по жалба.
Тој посочи дека има ад хох решенија за заштита на амбиенталниот воздух, но нема стратешки документ.
„Нашето истражување од 2023 година укажува на намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички што укажува дека државните мониторинг мерки станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките“, рече Трпевски. Околу казните за загадувачите тој, пак, оцени дека најголемиот број се парични место да бидат затворски, и затоа не се ефективни.
Татјана Чакулев рече дека ни требаат вонредни инспекциски контроли и акредитирани лаборатории за проверка на загадувањето, како и ревизија на еколошките дозволи и да се усогласат со новите регулативи. Таа посочи дека во секој град причините за аерозагадувањето се различни – дека Гостивар е загаден од околните каменоломи, Струга главно од сообраќајот, а Скопје од комбинирани извори, но во зима најмногу од согорување на биомаси, на отпад и на мазут. Она што според неа е поразително е што ние досега ниту за еден од овие извори на аерозагадување не сме спровеле ефикасен систем за намалување на вредностите. Таа се осврна и на увозот на опасен отпад кој начелно е дозволен во земјата – освен ако не се користи за согорување, што е незаконско. Според неа, проблем е и домашниот опасен отпад со оглед на општата појава на нелегални депонии во земјата.
Пратеникот Миле Талевски од СДСМ рече дека во Прилеп од 2019 година биле поставени мерни станици кои покажувале во тој период дека е втор или трет загаден град во земјата. ВМРО-ДПМНЕ, кога го презеле раководењето на општината ги укинале, така што сега не знаат каква е воопшто состојбата иако во близина на градот има депонија што досега неколкупати била запалена, а локалната самоуправа не дава информација што презема.
Ана Петровска од Зелениот институт и поранешен инспектор соопшти дека законот за индустриски емисии е подготвен од 2017 година, но се планира да се донесе дури по две години. Според неа, тој ќе го револуционизира воздухот во државата, но ќе значи финансиски товар за индустријата и за државата поради што се развлекува. Таа најмногу акцент даде на интегрираните еколошките дозволи за компаниите кои имаат многу недостатоци што ќе се корегираат кога ќе стапи во сила овој закон, предвиден со Акцискиот план за Реформската агенда.
Според неа, дадените А и Б интегрирани еколошки дозволи низ државата се полни со дупки, па наведе пример со каменолом кој имал дозвола за чаден број три иако законски треба да има чаден број еден, што значи дека наспроти законската одредба добил недозволено повеќе можност да согорува штетни емисии. Со законот за индустриските емисии ќе се знае точно која индустрија колку емисии може да произведува така што тие нелогичности ќе бидат избегнати.
Таа наведе и друг пример со фирма во Штип која имала дозвола за горење биомаса а горела автомобилски гуми со „Б“ интегрирана еколошка дозвола. Според неа, општините се одговорни за тоа, но тие немаат и не сакаат да имаат локални инспектори бидејќи ќе се замерат со тие што донираат за нивната политичка партија.
Надзорната расправа, иницирана од 20 пратеници, се одржа по силни саботажи и притисоци од страна на пратениците на власта и на претседателот на Собранието, а со цел да се префрли во друга комисија што тие ја контролираат. Поканети беа 4о надворешни учесници, но дел не се одзваа на повикот. Лидерот на Левица и претседател на оваа комисија, Димитар Апасиев, соопшти дека владини претставници не се одѕвале на поканата да учествуваат на надзорната расправа, а дека покана добиле премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Загадувањето на воздухот е смртоносна закана за јавното здравје, се констатираше денес во извештајот „Здравјето на прв поглед: Европа 2024 година“ на Европската Унија и на ОЕЦД. На мапата на „Бројот на жртви од загадениот воздух низ Европа, предвремени смртни случаи од изложеност на загаден воздух на 100 илјади жители“, Северна Македонија е на прво место со 255 смртни случаи на 100.000 жители. Загадувањето на воздухот е поврзано со рак на белите дробови, срцеви и респираторни заболувања, мозочен удар, лоши резултати при раѓање и многу повеќе. (С.Ј.)