Најмладиот пациент со рак на кожа на Клиниката за дерматологија имал 11 години
Во Градскиот парк во Скопје се организираа бесплатни дерматолошки прегледи под мотото „Да се заштитиме од Сонцето, да спречиме рак на кожа!“
Ракот на кожа во земјава е со растечка инциденца. Најмладиот пациент со рак на кожа – меланома на Клиниката за дерматологија имал 11 години, а се почесто се дијагностицира и кај помладата популација. Заштитете се од Сонцето, не ги игнорирајте промените на кожата. За жал карциномот на кожата не боли, а најдобри резултати во негово лечење се постигнуваат при рана фаза на детекција.
Тоа е пораката од Здружението на дерматовенеролози на Македонија, кое денеска во Градскиот парк во Скопје заедно со Клиниката за дерматовенерологија и приватното здравство, организираше бесплатни дерматолошки прегледи под мотото „Да се заштитиме од Сонцето, да спречиме рак на кожа!“. Со ова Здружението се приклучи кон активностите на Европската академија на дерматовенеролози и дерматовенеролозите од ЕУ за превенција од ракот на кожа.
Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски истакна дека кампањата претставува дел од европската кампања „Еуромеланома“, чија цел е да се подигне јавната свест кај населението за раното откривање на сите типови рак на кожа, на преканцерозни состојби и особено на малигниот меланом кој е еден од најмалигните тумори.
– За жал овој тумор е еден од се поприсутните и кај помладата генерација. Статистичките податоци говорат дека еден од пет пациенти за жал се детектира во една подоцна фаза. Со глобалните климатски промени и со зголемувањето на УВ зраците кои што претставуваат еден од главните ризик фактори за појава на овој карцином, но и другите преканцерози, рече Рендевски кој од име на Министерство го поздрави овој собир.
Претседателот на Здружението на дерматовенеролози на Македонија, проф. д-р Андреј Петров истакна дека со оваа кампања, која е дел од една заедничка европска кампања, заедно со претседатели на дерматолошки здруженија од Европа алармираат на се поголемото присуство на ракот на кожа, како на меланомот како најопасен тумор, така и на останатите типови.
– До овој момент околу 200 граѓани поминаа на овие бесплатни дермоскопски прегледи каде се обединивме и државното и приватното здравство сите заедно да направиме нешто во интерес на граѓаните и ова е модел како и во иднина да имаме се повеќе вакви настани во интерес на јавното здравје. Мотото е да се заштитиме од Сонцето, кое е докажан канцероген – УВ зраците, да користиме фактори за Сонце, да превенираме рак на кожа и апелираме на што почести посети на дерматолог од страна на граѓаните за да ставиме крај на растечката инциденца на овие тумори. Македонија веќе влегува во делот на земјите 4+ според инциденцата ако се гледа мапата на меланом во светот. Ако некогаш сме гледале по еден меланом на неколку недели сега гледаме практично секоја недела и тоа секој од нас поединечно. И затоа треба да алармираме и да имаме прецизни податоци кои ќе ги користиме да ја сфатиме сериозно ситуацијата и да се бориме против неа, вели Петров.
Директорката на Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје, проф. д-р Сузана Николовска, нагласи дека кај нас, а и во Европа, почест е базоцелуларниот и сквамоцелуларниот карцином, што се должи на тоа што во минатото се обрнуваше помалку внимание на заштита од Сонцето и тоа не само за време кога се оди на одмор, туку и во секојдневните професионални активности како што е земјоделството, но и хобија како спортување надвор или работење во градина.
– Не ги игнорирајте промените на кожата, можеби после 50-та година тие се многу почести и за среќа најголем дел од нив се некој нормален знак на стареење на кожата. Меѓутоа, за жал, кожниот карцином не боли. Промените кои што се како ранички што не заздравуваат, темна пигментирана промена која што е нова, бемка која што се променила по димензии и боја, некоја промена што ви прави непријатно чувство, се тоа знаци кога вие треба да се јавите на дерматолог. На Клиниката веќе 20 години користиме неинвазивни методи, дермоскопијата, но и последна технологија на неинвазивна дијагностика во оваа област тоа е фотофајндер, кој многу ја зголемува резолуцијата и им олеснува на докторите порано да го откријат карциномот. Тој апарат овозможува да ги следиме сите пациенти со висок ризик, затоа што тој ги памети нивните бенки и секое следно доаѓање ги споредува бенките и промените, рече Николовска.
Таа информира дека најмладиот пациент на Клиниката бил на 11 години, што значи дека и децата не се поштедени од меланомот, а гледаат и се повеќе млади луѓе кои се сончаат без заштита и нормално повозрасната популација 50+. Многу пациенти се дојдени, вели Николовска, во доцна фаза. Во Австралија 90 проценти од сите меланоми се откриваат во прв стадиум и тие луѓе имаат нормален век на живеење. Во Европа тој процент е 80. Проблемот кај нас е во стравот кај луѓето дека бенките не се чепкаат или пак одење на други алтернативни тераписки опции.
– Користењето на солариумите во другите земји е забранет за лица под 18 години, рече Николовска и најави дека таква опција наскоро ќе биде разгледана и кај нас.
Ракот на кожата е меѓу најчестите и најоптоварувачките видови на рак во Европската Унија. Во 2020 година, на над 106.000 граѓани на ЕУ им бил дијагностициран меланом што го прави шести најчест вид на рак и една од дваесетте најчести причини за смрт од рак, се посочува во заедничката изјава на Европската академија на дерматовенеролози потпишана од претседателите на дерматолошките асоцијации од Европа, меѓу кои и од Здружението на дерматовенеролози на Македонија.