Најмалку жртви во Италија од Ковид-19 од почетокот на март


Во последните 24 часа во Италија од Ковид-19 починале 153 лица и тоа е најмал број жртви во еден ден од 9 март, соопшти Агенцијата за цивилна заштита.

Но, порасна бројот на заболени во однос на вчера, па така има 875 новорегистрирани, за разлика од ден претходно кога имаше 789 нови.

Вкупниот број починати од почетокот на епидемијата на 21 февруари е речиси 32.000, па Италија е трета по бројот жртви по САД и Велика Британија.

Потврдени се повеќе од 224.000 случаи и со тоа Италија е на петто место во светот по САД, Шпанија, Британија и Русија.

Денеска падна и бројот на активни случаи на 70.187 за разлика од вчера кога имаше 72.070.

На интензивна нега има 775 пациенти, 33 помалку од вчера.

Од сите заболени до сега се опоравија 122.810 пациенти. Тестирани се 1.900.000 луѓе, од 60 милиони колку што живеат во Италија.