Најмалку три експлозии утрово во Лавов


Најмалку три експлозии се слушнаа во западниот украински град Лавов, околу 6.30 часот по локално време, јави Скај њуз.

Украинската телевизија 24 објави кратко видео на Телеграм, каде може да се види како чад се крева над хоризонтот.

Градоначалникот на Лавов, Андреј Садовиј потврди дека експлозиите биле во подрачје на аеродромот. Но, тој на Телеграм напиша дека аеродромот не е погоден.

Садовиј упати повик до граѓаните да не споделуваат фотографии од место каде имало експлозија.

Лавов се наоѓа близу полската граница. Откако инвазијата почна, стотици илјади бегалци минуваат низ градот, со цел да стигнат на безбедно.

 

Неколку ракети ја погодиле фабриката за авиони кај западниот украински град Лавов

 

Неколку ракети утринава ја погодиле фабриката за поправка на авиони во украинскиот град Лавов, во западниот дел на земјата.

Градоначалникот Андриј Садовиј соопшти дека нема жртви во нападот, а уништена е фабричката зграда така што работниот процес е во прекин.

Според воени извори, нападот е извршен со ракети „Кх-55“ лансирани од тешки стратешки бомбардери.

Со такво оружје во неделата беше нападната и воената база во близина на Јаворив, во западниот дел на Украина.

Садовиј претходно рече дека руска ракета ја погодила областа во близина на аеродромот, но оти самиот аеродром не е погоден.

Украинската „Телевизија 24“ јави дека утрово најмалку три силни експлозии се регистрирани во градот Лавов.