Најмалку седум жртви во земјотресот во Хрватска


Фото: АП

Хрватска– Најмалку седум лица загинаа во земјотресот што денеска ја погоди Хрватска. Во Петриња загина 13-годишно девојче, додека во селото Мајске Пољане во Глина загинале уште четири лица.

Во Петриња куче најде жена под урнатините и нејзиното спасување е во тек.

По затрупани луѓе се трага на уште три други локации, изјави директорот на хрватската цивилна заштита Дамир Трут, пренесува Хина.

На терен се осум кучиња во потрага по настрадани под урнатините од земјотресот.

Пациентите во болницата во Петрињa чекаат да бидат евакуирани, бидејќи по денешниот земјотрес во објектот нема ниту електрична енергија ниту греење. Одреден број пациенти се во болницата, а другите се надвор.

Вечерва во 18 часот и 29 минути во централна Хрватска е почувствуван нов земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил осум километри западно од Сисак, соопшти ЕМСЦ. 

Колони автомобили и пешаци сè уште се на улиците на Загреб во сите правци, по силниот земјотрес што го затресе и главниот град на Хрватска.

Сообраќајот дополнително го забавува и дождот, а граѓаните кои по земјотресот од страв излегоа на улиците полека се враќаат во своите станови и куќи, но има луѓе уште по улиците.

Според агенцијата Хина, на сите им се гледа страв и загриженост на лицата.

По силниот земјотрес во Петриња, кој се почувствува и во Загреб и предизвика штета на зградите што веќе беа оштетени, Канцеларијата за управување со вонредни состојби на градот Загреб апелираше до граѓаните да не излегуваат со автомобили, за да можат да поминат службите за брза помош.

Во западниот дел на Загреб, каде повеќето станбените згради се од понова градба, нема видливи штети.

Хрватските фудбалски репрезентативци, Дејан Ловрен и Матео Ковачиќ, понудија помош за луѓето кои настрадаа во денешниот  разорен земјотрес , со епицентар во градот Петриње. Според последните информации, земјотресот е со јачина од 6.3 степени според Рихтер.

Ловрен, кој во моментов настапува за руски Зенит, соопшти дека го става на располагање својот луксузен хотел на островот Паг.

– Почитувани граѓани на Петриње, мојот хотел во Новаља го ставам на располагање за 16 најзагрозени семејства на кои им е потребно привремено сместување. Предност ќе имаат семејствата со деца, соопшти Ловрен.

Неговиот репрезентативен колега од Челзи, Ковачиќ, понуди помош преку својата фондација.

Ги замолуваме сите погодени од разорниот земјотрес, доколку знаете некого, кој има потреба од помош да не известите на e-mail адреса [email protected], соопшти Ковачиќ.