Најмалку шест жртви во поплави во Јапонија


Обилниот дожд на југозападниот јапонски остров Кјушу предизвика поплави и лизгање на земјиштето во кои загинаа најмалку шест лица, а спасувачите трагаат по тројца исчезнати, соопштија денеска локалните власти.

Јапонската метеоролошка агенција ги ублажи специјалните предупредувања за обилни дождови издадени вчера за северните делови на островот, но ги повика жителите да бидат внимателни во случај на нови одрони.

– Општините сè уште го проверуваат бројот на жртвите, но ние сме информирани за три смртни случаи, рече главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно на редовната прес-конференција.

Тој додаде дека уште три смртни случаи се потенцијално поврзани со катастрофата, дека тројца се водат за исчезнати, а двајца се полесно повредени.

Јапонија е уште една во низата земји погодени од невообичаено силен дожд во последните денови, што предизвикува нови стравувања за темпото на климатските промени.