Најмалку девет жртви во немирите во Иран поради убиството на младата Амини


 Најмалку деветмина загинаа во конфликти меѓу Иранци и полицијата. Причината за немирите низ Иран е смртта на 22-годишната девојка убиена од полицијата затоа што неправилно носела хиџаб, јавија дел од локалните медиуми.

Ирански претставници тврдат дека странски земји се обидуваат да предизвикаат немири во земјата.

Протестите започнаа откако младата Махса Амини беше приведена од полицијата за морал, потоа претепана бидејќи, наводно, хиџабот не го носела правилно. Амини падна во кома, а потоа почина.

Инстаграм и Ватсап, социјалните мрежи каде Иранци споделуваат за протестите, во Иран и понатаму не се во функција.

Активисти наведуваат оти за време на немири, често се користи тактиката со прекин на интернетот, за, како што тврдат, граѓаните да не комуницираат со други луѓе низ светот за тоа што се случува по улиците.

Убиството на Амини го осудија Обединетите Нации, Европската Унија, САД.

Полицијата одби да ѝ покаже на јавноста снимен материјал од комбито каде девојката е претепана. Оттаму наведуваат дека таа починала од срцев удар, иако семејството нагласи оти Амини била здрава.

Во знак на протест, жените во Иран јавно го тргаат и го палат својот хиџаб.