Најмалку 80 повредени и 33 уапсени за време на протестите во Каталонија
Шпанските власти соопштија дека 80 лица, меѓу кои и 46 полицајци, се повредени за време на синоќешните протести против затворските казни за поранешните лидери на сепаратистите во Каталонија.
Кабинетот на шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека се уапсени 33 лица, а четворица демонстранти се обвинети за нереди на јавно место.
Санчез за денеска свика состанок со претставници на Министерството за внатрешни работи и други локални власти за да се процени безбедносната состојба во шпанската провинција Каталонија.
Утрово во Каталонија се поставени нови блокади на патиштата, а блокиран е главниот автопат кон Франција.
Во Барселона и синоќа дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, на третиот ден од протестите против пресудите за лидерите на каталонските сепаратисти.
Полициските единици за сузбивање нереди истрелале пенест гас, додека демонстрантите палеле контејнери и автомобили во близина на одделот за внатрешни работи на регионалната Влада во главниот град на Каталонија.
Пожарот блокираше најмалку четири улици.
Демонстрантите претходно фрлаа ролни тоалетна хартија, затоа што, како што рекоа организаторите, „има многу работи што треба да се исчистат“.
Демонстранти од повеќе градови во Каталонија вчера почнаа протестен марш со цел до утре да стигнат до Барселона.
Протестите почнаа во понеделникот, откако Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.
Тројца други обвинети беа прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.
Поранешниот премиер на Каталонија, Ориол Џункуерас е осуден на 13 години затвор поради бунт и злоупотреба на јавните фондови за одржување референдум за независност на Каталонија.