Најмалку 11 загинати во земјотресот во Авганистан, од кои девет во Пакистан


Најмалку девет лица загинаа, а 44 се повредени во северозападен Пакистан по земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала што го погоди соседен Авганистан доцна во вторникот, изјави пакистански владин претставник. Најмалку две лица загинаа во Авганистан, соопшти претставник на тамошната агенција за катастрофи.

Земјотресот го почувствувале околу 285 милиони луѓе на површина од повеќе од 1.000 километри во Пакистан, Индија, Узбекистан, Таџикистан, Казахстан, Киргистан, Авганистан и Туркменистан, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот на земјотресот бил во планините Хинду Куш, во ретко населената североисточна авганистанска провинција Бадакшан, 40 километри југоисточно од селото Јурм, на значителна длабочина од 187 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.

Големи делови од Јужна Азија се сеизмички активни

Девет лица загинаа, а 44 се повредени во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва на границата со Авганистан, изјави во средата за Ројтерс висок функционер на провинцијата Абдул Басит, додавајќи дека најмалку 19 куќи се оштетени.

Шафиула Рахими, портпарол на авганистанското Министерство за помош при катастрофи, доцна во вторникот изјави дека две лица загинале во источната провинција Лагман.

Големи делови од Јужна Азија се сеизмички активни бидејќи тектонската плоча позната како Индиска плоча се турка на север во Евроазиската плоча. Минатата година во земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер загинаа повеќе од 1.000 луѓе во источен Авганистан. Во 2005 година, најмалку 73.000 луѓе загинаа во земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди северен Пакистан.