Полјаците што загинаа во Хрватска оделе на аџилак во Меѓугорје

Во несреќата на полскиот автобус има 12 загинати, а многу од повредените се во тешка состојба. Варшава потврди дека сите загинати се полски државјани


 

Автобус со полски регистерски таблички излетал од патот на автопатот А4 во правец кон Загреб и според првичните информации има неколку загинати и повредени, јавуваат хрватските медиуми.

Несреќата се случила меѓу Јарек Бишашки и Подворец, пренесува „Вечерњи лист“. Ангажирани се неколку екипи на брза помош од Вараждинската жупанија и од Загреб.

„Јутарњи лист“ пишува дека најмалку 11 лица загинале на лице место, а дека 34 лица се повредени. Сепак, додаваат тие, овие неофицијални бројки можеби не се конечни.

Претпладнево на прес-конференција, хрватските власти потврдија дека бројот на жртви се икачил на 12, откако еден од тешко повредените починал во болница.

Според првите информации, автобусот околу 5:30 часот излетал на потегот од Брезнички Хум до Комин, во правец кон Загреб. Полициската управа Вараждин наведува дека точната локација е помеѓу Јарек Бишашки и Подворец.

 

Засега нема официјални информации за причините за оваа несреќа, ниту за околностите во кои се случила, но неофицијално се претпоставува дека возачот најверојатно заспал на воланот.

Полицијата е на местото на настанот и истрагата е во тек, а на локацијата се повикани екипи на итната помош и пожарникари кои помагаат во извлекувањето на жртвите.

– Според досегашните информации, во сообраќајната несреќа загинале неколку лица, а поголем број се тешко повредени. Заедно со полициски службеници од ПУ Вараждин и ПУ Загреб, на местото на настанот се ангажирани неколку екипи на Институтот за итна медицинска помош од областа на Вараждинската жупанија и Загреб, како и неколку екипи на пожарникари од двете жупанија, полицијата објави.

 

„Сите жртви се полски државјани. Ова можеме да го потврдиме во овој момент. Автобусот има регистрација од Варшава. Нашиот конзул е веќе на местото на настанот. Во блиска иднина ќе отвориме телефонска линија за роднините на патниците во автобусот“, изјави портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Лукаш Јасина за локалните медиуми.. „Голем дел од повредените се во тешка состојба“, додаде тој. – Според она што го слушам тоа било организирано патување, не мора да биде туристичка дестинација“, рече тој. Можеби автобусот одел на аџилак во Меѓугорје.

Полскиот премиер премиер Матеуш Моравјецки на Твитер информираше дека жртвите на несреќата се аџии на пат кон Меѓугорје. Премиерот најави дека во Хрватска заминуваат министерот за здравство Адам Ниџиелски и заменик-министерот за надворешни работи Марчин Пжидач.