„Најлошото самоповредување“: Поранешната министерка за финансии на САД ја критикува трговската војна на Трамп

Поранешната американска министерка за финансии Џенет Јелен изрази загриженост за економската политика на претседателот Доналд Трамп во нејзиното прво ТВ интервју откако тој ја презеде функцијата.
Таа изјави во четвртокот дека зголемениот стрес на американскиот пазар за финансии веројатно влијаел на одлуката на претседателот Доналд Трамп делумно да ги паузира неговите огромни реципрочни царини.
Во своето прво телевизиско интервју по напуштањето на функцијата, Јелен, која беше на чело и на Федералните резерви (ФЕД) американската централна банка, предупреди дека неодамнешниот пораст на приносите и притисокот на продажбата меѓу хеџ-фондовите со висок степен на задолжување кои држат долг од државниот трезор може да претставува сериозен ризик за финансиската стабилност.
„Тоа предизвика хеџ-фондовите кои ги чуваат американските државни записи да почнат да ги продаваат“, рече Јелен за Си-Ен-Ен Интернешнл (CNN International). „Тоа е нешто што навистина би можело да започне да предизвикува финансиска нестабилност доколку има масивни продажби на американските државни обврзници“.
Таа додаде: „Моето разбирање е дека ова е нешто што влијаеше врз претседателот Трамп да го натера да ги паузира реципрочните тарифи и тоа секако е нешто што треба да загрижува“.
Јелен, која го водеше Министерството за финансии под претседателот Џо Бајден, исто така пошироко ја критикуваше економската стратегија на Трамп, нарекувајќи ја „најлошата самонанесена рана од добро функционална економија во историјата“.
Нејзините забелешки доаѓаат една година откако таа го одржа клучното обраќање во Пекинг предупредувајќи дека целосното економско раздвојување на САД и Кина ќе биде „погубно и за двете“.
Со оглед на тоа што Трамп сега наметнува царини од повеќе од 120 отсто за кинеските производи – а Пекинг реагира на сличен начин – предупредувањата на Јелен стануваат реалност.
Јелен изјави за Си-Ен-Ен Интернешнл дека приносите на долгот на американското Министерство за финансии нагло пораснале во услови на финансиски превирања кај тарифите, што ги натера инвеститорите да се сомневаат во нивниот статус на безбедно засолниште. Приносите на обврзниците се движат обратно од цената.
Таа ја спореди економската политика на претседателот Трамп со големите метални топки што се користат во градежнитвото за уривање објекти.
„Претседателот Трамп наследи економија каде што растот беше многу силен, пазарот на трудот функционираше многу добро, со ниска невработеност, извонреден рекорд на отворање работни места“, рече Јелен.
„Значи, имавме многу добро функционална економија и претседателот Трамп замавна со уништувачка топка кон неа“, додаде Јелен .
Голем дел од критиките на Јелен се фокусираа на царините на Трамп, што предизвика пад на берзите на крајот на минатата недела и почетокот на оваа недела.
„Морам да ве прашам, како ќе ја оцените администрацијата на Трамп во справувањето со економијата досега“, Биана Голодрига од CNN International ја праша Јелен.
„Се плашам дека не можам да му дадам преодна оценка“, одговори Јелен.