„Најк“ целосно ја напушта Русија


Американскиот производител на спортска облека и обувки, „Најк“, целосно ја напушта Русија, три месеци откако го прекина својот бизнис таму, се вели во соопштението на компанијата испратено по електронска пошта во четвртокот, пренесува Ројтерс.
„Најк“ на 3 март соопшти дека привремено ќе ги прекине сите негови операции и операциите на неговиот партнер како одговор на руската воена инвазија на Украина. Денес, оваа компанија се приклучи на листата на компании кои дефинитивно ја напуштија Русија.
– „Најк“ донесе одлука да го напушти рускиот пазар. Наш приоритет е да обезбедиме целосна поддршка на нашите вработени, додека одговорно ќе го намалиме нашето работење во наредните месеци, се вели во соопштението на компанијата.

Руските медиуми во мај објавија дека „Најк“ не ги обновила договорите со нивната најголема франшиза во Русија, Inventive Retail Group (IRG), која управува со 37 брендирани продавници преку својата подружница Up and Run.

Неодамна компанијата „Кока Кола“ објави дека го запира производството и продажбата на пијалоци во Русија, а барање за прогласување банкрот поднела и фирмата ќерка на компанијата „Гугл“ во Русија.

Да потсетиме, прво, француската автомобилска компанија „Рено“ објави продажба на својот удел во руската компанија „АвтоВАЗ“ на Рускиот научен институт (практично е подарок, имајќи предвид дека трансакцијата е во вредност од 1 рубља).

Веднаш потоа се огласи и американскиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ кој објави дека започнал процес на продажба на својот бизнис во Русија по 30 години работење во таа земја.