Најголемото загадување доаѓа од греење, односно биомаса


Фото: Б. Грданоски

Откако неколку дена со ред, загадувањето во неколку града во Македонија ги надмина дозволените граници, Владата донесе мерки за заштита на населението, но јавноста забележа дека мерките се носат за заштита од веќе отровниот воздух, но слабо се прават потези за да не дојде до вакво екстремно загадување.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на денешниот брифинг, прво појасни дека податоци преку апликациите за следење на загаденоста не можеа да се прочитаат поради проблем со миграцијата од стар сервер на нов сервер, но тоа не значи дека тие немаат податоци.

– Ние имаме податоци. Сега мануелно ги собираме и ве информираме, цела јавност, кога имаме загадување во целата држава или во некој град. Ги имаме податоците од сите 21 станица во целата држава – уверува Нуредини.

Појасни дека со поддршка од Шведска од професори од Факултетот во Штип, изработен е извештај, каде министерството не учествували, значи податоците се стручни и релевантни, кој укажува дека 35 отсто од загадувањето во Скопје, доаѓа од биомаса, второ е од возила, трето од градежни материјали. Тој извештај покажува дека индустријата малку придонесува, заклучува Нуредини.

– Кога зборуваме за загадување од биомаса, тоа не се само од домови, туку и од државни институции, кои загреваат на мазут и нафта. Затоа инсистираме да се премине на поеколошко загревање на овие институции, школи, градинки, полициски станици. Еве пред еден час добивме информација од министерство за економија дека има програма за субвенција за соларни панели и други вакви мерки – рече Нуредини.

Министерот смета дека буџетот со кој располага министерството, сега е зголемен за разлика од поќетокот на неговиот мандат, но вели дека не само ова туку и другите министерства вложуваат свои пари во подобрувањето на животната средина. 

Ја спомна пречистителната станица во Скопје, која чини 100 милиони евра, потоа регионалните депонии, за кои се потребни 60 милиони евра, но тоа се проекти од кои допрва треба да ги видиме бенефитите.