Најголемите жртви на руската инвазија: Во болниците се почесто ранети деца


Украина- Иако поголем број градови во Украина се зафатени од војната, ситуацијата во Мариупол може да се оцени како најтешка доколку се земе во предвид дека руската војска веќе со недели потполно го блокира ова место.

Оние кои во секоја војна најмногу страдаат поради „иргите“ на возрасните секако се децата, а новинари на Би-би-си ја посетиле Регионалната детска болница во Запорожје каде меѓу останатите се сместени и ранети деца од Мариупол.

„Овде се евакурани стотици луѓе. Нивните физички рани се очигледни и може, во некоја мерка, да зацелат. Но, психичката траума ќе остане во нив засекогаш“, наведува Би-би-си.

Во оваа болница лежи и 15-годишната Маша. Според докторите, десната нога на Маша ѝ е ампутирана откако минатата недела во нејзина близина експлодирала граната.

„Во својот болнички кревет покрај Маша лежи и тригодишниот Артем. Како играчка држи мал жолт трактор, но не зборува ништо додека медицинските сестри ја следат неговата состојба. Гелери од гранатата го погодиле во стомакот, а тешко ги раниле и неговите родители и баба му“, објаснуваат.

Лекарите кои работат во болницата во Запорожје за Би-би-си истакнуваат дека глетки како овие гледаат секој ден. Началникот на Детската болница Јуриј Борзенко не го крие презирот за она што го прават руските трупи во Украина.

„Ја мразам Русија. Девојчето што ја изгуби ногата е толку трауматизирано што со денови не јадеше ниту пиеше нешто. Не можеше психички да го поднесе тоа што ѝ се случи. Моравме да ја храниме интравенозно“, појаснува докторот.

Вели дека во болницата се наоѓа и 6-годишно момче кое исто така е погодено од гелери на граната.

„Без никакви солзи и емоции ја гледал својата мајка како гори во нивниот автомобил. Два дена подоцна рекол: „Тато, купи ми нова мајка, треба некој да ме носи на училиште“, истакнува Борзенко.

Оние граѓани кои успеале да се извлечат од Мариупол пред потполната блокада на градот за Би-би-си раскажуваат незамисливи ужаси кои во моментот се случуваат во тој украински град. Во едено кафуле во градот Днепро.,новинарите на Би-Би-Си сретнале семејство од крајбрежниот град кои минатата седмица успеале да избегаат од Мариупол.

„Апсолутно ризикувавме, но во тој момент не ми беше гајле дали ќе умрам во Мариупол или обидувајќи се да излезам од градот. Знаевме дека постои шанса, и сфативме дека мораме да ја искористиме шансата. Да останевме во градот , шансата да преживеме би била многу мала“, наведува брачната двојка Гусак.