Најголемиот страв на „Мариовска“: Само да не заврне


Еден куп камења вдолж целата улицата, купишта смет, ѓубре и кал, огромни кратери среде асфалтот, тротоари што ги препознавате само по логика, работници што треба да ги санираат дефектите и дополнително го усложнуваат и забавуваат движењето… Ваква е сликата што ја затекнавме вчераутро на улицата „Мариовска“ во скопската населба Кисела Вода, неколку часа по дождот што паѓаше во главниот град. Дури и помалку силен дожд предизвикува проблеми на патот кон Теферич, кој се реконструира во фази со години, а секоја вода се слева од врвот дури до крајот на улицата.

„Најголем страв ни стана да нè заврне“, коментираат жителите.

Тие не можат да сфатат како е можно патот што ги поврзува Кисела Вода и Сопиште преку Теферич и кој значително го намалува движењето од едната кон другата населба, со години да не може да се заврши, небаре станува збор за автопат низ клисура, а не за три километри оддалеченост. Патот беше целосно руиниран до пред неколку години, потоа се приспособи колку-толку, но возачите научија дека по него е помалку фреквентно отколку преку Припор, па мораше да се направи целосна санација. Проблем беше и тоа што улицата под падините на Водно не беше воопшто заградена ниту осветлена, што беше потенцијална опасност во острите кривини да не се заврши во ендек.

„Минатото лето се реконструираше горниот дел од улицата, некаде на почетокот од Сопиште и кај Теферич, но уште тогаш ја утнаа работата, затоа што поставија високи и долги тротоари и значително го стеснија просторот за движење. Едвај две возила можат да се разминат“, велат незадоволните жители.

Пролетва на ред дојде делницата од првите куќи во Кисела Вода кај стовариштето на „Треска“. Улицата потоа продолжува надолу и ги впива сите споредни од Пржино, поради што станува главна артерија за крвотокот до најголемата скопска општина.

„Баравме да ни се асфалтира улицата, но немаше слух. Дел од нас, со свои сопствени средства, асфалтиравме за да не голтаме прашина и да не си ги кршиме возилата по дупки, да не мораме да влегуваме дома преку земја и кал. Сега ни раскопаа сè и оставија вака да остане. Не реагираат кога им зборуваме. Три месеци не можат да ја асфалтираат улицата. Па не само тоа, од толку што нестручно работат, некаде ќе фрлат тампон, но кога врне дожд, водата го расфрла долу, па се создава дополнителен хаос. Навистина сме во очај, не можеме да веруваме дека локалната власт не само што не го решава проблемот туку и го прави уште поголем“, зборуваат нервозните жители на улицата.

На „Мариовска“ не се изведуваат градежни работи бидејќи, наводно, се подготвувал проект. Работници вчераутро дојдоа на терен, но за да го санираат дефектот од водоводната мрежа, оти по поплавите целото маало остана без вода.

Во Општина Кисела Вода, под чија капа е реконструкцијата на улицата, објаснуваат дека преку финансиска соработка со Светска банка започнале голем проект за изградба на атмосферска канализација по улиците во населба Пржино.

„Станува збор за атмосферска мрежа во должина од околу пет километри. Имајќи предвид дека зафатот е со поголем размер, граѓаните навремено беа информирани дека за изградба на мрежата се потребни десет месеци и оти ваквите состојби ќе бидат многу чести, затоа што се работи за прекопи по главни улици. Невремето во средата направи штета по улицата ‘Мариовска’, меѓутоа, екипите на фирмата ‘Вардар градба’, која е изведувач на градежните работи, веднаш излегоа на терен и го собираа излеаниот тампон од прекопите. Тие повторно се полнат со тампон. Ги молиме граѓаните за разбирање и трпение. Нашите екипи се и секогаш ќе бидат на терен во вакви и во слични ситуации со цел евентуалните проблеми да бидат што побрзо надминати“, тврдат во Општина Кисела Вода.

Завчерашниот дожд отсече една споредна уличка што води кон улица „Кавалска“. На фејсбук-групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, граѓаните споделија видео од улицата која од шест метри е сведена на два. Тие бараа одговорност од градоначалникот Филип Темелковски.

Горан Адамовски