Најголемиот број нови милионери нема да доаѓаат од Запад, туку од БРИКС


Бројот на милионери во земјите од групата БРИКС ќе доживее значително зголемување во наредната деценија, што ќе придонесе за најголем пораст на богатството во која било меѓудржавна организација во светот, се наведува во извештајот на консултантската куќа „Хенли и партнери“ (Henley & Partners).

Се предвидува дека бројот на милионери во земјите на БРИКС, кој се мери со паритет на куповната моќ сега сочинува 31,7 отсто од глобалниот БДП, четвртина од глобалната економија и 40 отсто од светската популација, во наредниот период од 10 години ќе се зголеми за 85 отсто.

Моќната групација БРИКС собира пет големи земји и економии во развој: Кина, Бразил, Јужна Африка, Русија и Индија, на кои минатата година им се приклучија Египет, Етиопија, Иран, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија. Во меѓувреме, уште неколку земји поднесоа барање за членство.

„Прогнозата за 85 отсто зголемување на бројот на милионери за БРИКС ќе биде најголемото зголемување на богатството од кој било блок или регион на глобално ниво“, изјави Ендрју Амолис, аналитичар во New World Wealth за Си-Ен-Би-Си.

За споредба, се очекува групата Г7 да го зголеми бројот на милионери за 45 отсто во следните десет години. Г7 е коалиција на напредните земји во светот, а ја сочинуваат Канада, Франција, Јапонија, Италија, САД, Велика Британија и Европската унија.

„БРИКС го предизвикува светскиот поредок и се етаблира како моќен ривал на Г7 и другите меѓународни организации“, рече управниот партнер на „Хенли и партнери“, Доминик Волек.