Најголемата крипто берза во светот купува удел во „Форбс“ за 200 милиони долари


Најголемата светска берза за криптовалути „Бајненс“ (Binance) планира стратешка инвестиција од 200 милиони долари во „Форбс“ (Forbes), издавачка компанија и списание со традиција од 104 години, објави американската телевизија CNBC.

Средствата ќе му помогнат на Форбс да ја спроведе планираната котација во првиот квартал преземање од страна на Magnum Opus Acquisition Ltd. компанија специјализирана за аквизиции, или SPAC, која котира на Њујоршката берза, изјавија за американските медиуми извори запознаени со договорот.

„Бајненс“ ќе преземе половина од обврските од 400 милиони долари од институционални инвеститори објавени од „Форбс“ во август , рекоа извори на CNBC, кои не сакаа да бидат именувани пред да биде објавена трансакцијата.

Ова ќе го направи „Бајненс“ еден од двајцата најголеми сопственици на „Форбс“, а оваа издавачка куќа ќе котира на Њујоршката берза под симболот FRBS, се додава во текстот. Крипто компанијата ќе добие и две места во деветчлениот одбор на директори на „Форбс“.

Овој потег укажува на растечкото влијание на крипто секторот во реалниот свет, кој расте во вредност и создава нова класа на милијардери поради глобалниот интерес за дигитални средства. Ова е прва голема инвестиција на една крипто компанија во традиционален медиум во Соединетите Држави.

„Форбс“ го основаше дедото на главниот уредник и двократен претседателски кандидат Стив Форбс пред повеќе од еден век.

Во 2014 година, издавачката куќа продаде 95 отсто од акциите во „Integrated Vale Media“, со седиште во Хонг Конг, за 475 милиони долари.

„Форбс“ е познат по годишното рангирање на најбогатите деловни луѓе во светот.