Најголемата фабрика за чоколади во светот го прекина производството, пронајдена е салмонела


Салмонела е пронајдена во најголемата фабрика за чоколади во светот во белгискиот град Виезе. Швајцарскиот гигант „Бери Калебо“ (Barry Callebaut), кој е сопственик на фабриката, денеска ги информирал белгиските власти дека го прекинале производството и ја повлекуваат целата чоколада што ја произведувале од 25 јуни годинава.

Тие исто така нагласија како комуницираат со сите нивни клиенти кои можеби добиле чоколаден производ со салмонела, пренесува CBS News. „Бери Калебо“дистрибуира чоколадо на големи компании како „Нестле“, „Моделез“, „Херши“ и „Унилевер“.

Портпаролот на компанијата, Корнеел Варлоп, изјави за Франс прес дека производството е запрено во фабрика која произведува течно чоколадо во серии на големо за 73 клиенти.

„Сите производи направени од тестото се блокирани. Производството на чоколадо во Виезе останува суспендирано до понатамошно известување. Ја известивме белгиската агенција за безбедност на храната до AFSCA“, рече портпаролот Корнеел Варлоп.

Салмонела е пронајдена во чоколадото во понеделникот, а изворот на контаминација е во лецитинот, состојка која се користи како емулгатор во производството на чоколадо. Од компанијата велат дека ќе направат детална анализа и дека ќе ги дезинфицираат производствените линии.