Најголема дивиденда годинава исплатува „Телеком“


Македонска берза бара да се одложи оданочувањето на добивката од продажба на хартии од вредност.

„Со минатогодишните измени (со Законот за данок на личен доход) се изврши промена и на даночниот третман на капиталните добивки, односно тие треба да почнат да се оданочуваат почнувајќи од 1.1.2020 година. Во тој контекст сакаме да информираме дека заедно со другите чинители на пазарот на хартии од вредност подготвуваме формална иницијатива за одложување на ова законско решение, чија примена дефинитивно негативно ќе се одрази на берзанската динамика“, ни изјавија од Македонска берза.

Капитална добивка е разликата помеѓу продажната цена и набавната цена на хартиите од вредност. Законот предвидува даночна стапка од 15 проценти.

Во делот на добивките од капитал, пак, годинава компаниите што котираат на Берза како дивиденда ќе им исплатат на акционерите 145 милиони евра. Лани тој износ бил помал – 113 милиони евра. Исто така минатата година дивиденда исплатиле 26 компании, а годинава добивка дели една компанија плус – 27.

Најголема дивиденда, од речиси 26 милиони евра, годинава ќе исплати „Македонски телеком“. Лани на врвот на листата беше Стопанска банка Скопје со 33,2 милиони евра.

„Примената на новите даночни решенија, односно зголемување на даночната стапка од 10 на 15 проценти за исплатена дивиденда за одредени категории инвеститори, од аспект на компанијата што носи одлука за исплата или неисплата на дивиденда нема директно влијание бидејќи таа одлука произлегува од остварените финансиски резултати на компанијата и принципите и критериумите според кои компанијата ја води својата дивидендна политика, односно утврдувањето на висината и начинот на наградување на акционерите. Сепак, направените даночни измени на овој план индиректно можат да влијаат кај оние акционерски друштва каде пресудно влијание во донесувањето на одлуките за дивиденда имаат домашни физички лица или странски правни лица (кои како акционери се засегнати од измените во даночната регулатива). Од друга страна, од аспект на инвеститорите во хартии од вредност, овие нови решенија за поголемо оданочување на исплатената дивиденда директно влијаат на намалување на нивниот нето принос што секако има влијание при носењето на инвестициските одлуки“, објаснуваат од Берза.

(А. С.)