Најголем број ковид- активни случаи има во Скопје – 5.919, најмалку во Демир Капија – еден


Мал пад на процентот на заразаени, но и натаму бројот на починати од Ковидд-9 останува висок – по околу 30 дневно. Вчера беа регистрирани 256 случаи на Ковид-19 од 2.778 тестирања или околу девет проценти, што е за еден процент помалку од изминатите денови. Но, меѓу 31 починат за претходното деноноќие, повторно беше евидентирано младо лице.

Станува збор за 18-годишна девојка од Гевгелија која била бремена во седми месец и, како што објаснуваат надлежните во гевгелиската болница, имала коморбидитети, тешко срцево заболување и страдала од редок генетски синдром. Целото нејзино семејство било позитивно на Ковид-19, а во болницата дошле откако нивната оттојба значително се влошила. Никој од нив не бил вакциниран.

Досега во земјата се направени вкупно 1.206.597 тестирање на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181.875, бројката на оздравени пациенти е 162.060, на починати е 6.184, а бројот на активни случаи во моментов е 13.631.

Според епидемиолошки анализи, најголем број активни случаи има во Скопје – 5.919, следи Тетово со 1.283, Куманово – 883, Гостивар – 789, Струга – 613, Струмица – 576, Охрид – 550 и Кичево – 522. Во другите градови има помалку од 500 заразени, а во Демир Капија во моментов има само еден позитивен случај.

Според последните информации од Министерството објавени завчера, на вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се околу 750 илјади граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани над 1,3 милиони дози вакцини, а ревакцинирани се околу 590 илјади граѓани.

Околу 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, а тој процент кај лицата над 18 до 39 години е 29.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Надлежните повторно посочуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.

– Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.