„Најгласни“ – награда за поддршка на иницијативи од ученички заедници во средните училишта

од седум училишта во земјава и нивни професори денеска на семинар со пратеници од собранискиот Клуб за младински прашања и политики се запознаваа со демократската култура и начинот на политички дијалог во Собранието со цел искуствата да ги пресликаат во нивните училишни парламенти во средношколските средини.
Учесници беа средни училишта пријавени на конкурсот за наградата за најдобри ученички заедници – „Најгласни“, во организација на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Сојузот на средношколци.
Сандра Кољачкова од „Конрад Аденауер“ изјави дека на конкурсот се пријавиле многу училишта и од цела држава се избрани седум: „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, „Коста Сусинов“ од Радовиш, „Кочо Рацин“ од Велес, „Климент Охридски“ од Охрид, „Орде Чопела“ од Прилеп и скопските „Орце Николов“ и „Шаип Јусуф“. Од секое денеска имаше претставници – тројца ученици и еден наставник кои на семинарот имаа можност да дискутираат со пратениците Моника Зајкова, Марија Петрушевска, Јован Јаулески и Бојан Стојановски од собранискиот Клуб за младински прашања и политики.
По настанот во Парламентот, семинарот ќе продолжи во Велес каде училишните заедници на седумте училишта ќе ги претстават проектите со кои аплицирале и стручно жири задутре ќе избере три финалисти кои ќе ја добијат наградата „Најгласни“ – финансиска поддршка од организаторите со која до крајот на учебнава година ќе може да реализираат активности во своите училишта. Наградата е во износ по 10.000 денари за секое од трите училишта, првпат годинава се доделува со идеја да стане традиционална.
Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, изјави дека нивната замисла била иницијативите на ученичките заедници да се фокусираат на подобрување на средношколското учество во нивните училишта односно да се спроведе активност што ќе го подобри животот на средношколците во училиштата, но и ќе придонесе како подобро да се артикулира нивниот глас и како тие повеќе да бидат застапени во донесувањето одлуки.
-Добивме најразлични иницијативи, беа многу интересни, главно се фокусираа на подобрување на училишната атмосфера преку некоја физичка промена, на пример украсување, отворање соларна градина и слично, но на семинарот во наредните два дена ние ќе им појасниме како да ја преформулираат нивната идеја за таа да го зголемува средношколското учество. Настанот го почнуваме во Собранието и со Клубот на млади пратеници зашто тие се непартиско тело кое ги обединува сите млади пратеници без разлика на нивната политичка припадност или идеологија, рече Павиќевиќ.
Илија Станковски, програмски директор на здружението ЛЕАД, истакна дека идејата за проектот е во тоа што сметаат оти учениците уште од средното образование треба да учат за демократија и учество во општествено-политичките процеси зашто кога ќе излезат од училиште стануваат гласачи во општествените процеси. Според него, еден вид механизам за учениците да научат за таквото учество се токму ученичките заедници во средните училишта кои, како што рече, во изминатите години помалку или повеќе функционираат во зависност од училиште до училиште.
Наградата „Најгласни!“ е меѓу нивните постојани обиди да ги градат капацитетите на ученичките заедници и да ги поддржуваат тие да се развиваат.
-Таа ќе помогне да се спроведе нивната иницијатива, но и да покаже колку е важно МОН и самите училишта да инвестираат во идеите и иницијативите на средношколците затоа што на тој начин добиваме многу активни млади граѓани кои по средното училиште продолжуваат да бидат активни во општеството и да придонесуваат во него, додаде Станковски.
Во рамки на истражување на ЛЕАД за настава на далечина имаше и дел и за тоа колку се внимавало на младинското учество при онлајн-наставата. За жал, вели тој, освен некои воннаставни активности, ученичкото учество речиси и воопшто не било застапено во онлајн-наставата веројатно затоа што фокусот бил како во услови на пандемија да се изгради систем на настава како примарна дејност во училиштата.
Пратениците кои денеска им беа домаќини на средношколците им порачаа дека се добредојдени сите нивни идеи и иницијативи и ги повикаа да ги контактираат за сѐ што ги засега и ако ценат дека тие како млади пратеници треба да алармираат или доколку имаат иницијатива за менување закони да им се обратат за тие да организираат јавна расправа во Собранието.