Најевтина струја во Европа плаќаат Украинците, најскапа Германците, каде е Македонија

Во земјите од поранешна СФРЈ, највисока цена на електрична енергија плаќаат домаќинствата во Словенија – 16,34 центи за киловат-час, а најевтина во Косово – само шест центи за киловат-час

 

Најевтини киловати во Европа плаќаат домаќинствата во Украина – само 4,4 центи за киловат-час (kWh), додека најскапа електрична енергија плаќаат граѓаните во Германија – дури 30,88 центи на kWh, покажуваат официјалните податоци на Евростат за 2019 година објавени кон крајот на минатата недела.

Според истите податоци на Европскиот завод за статистика, цената на киловат час електрична енергија во Македонија беше 7,83 центи и е значително пониска од просекот во 28-те земји колку што минатата година беа членки на Европската унија и кој изнесуваше 21,4 центи за киловат-час.

Што се однесува до земјите од поранешна СФРЈ и регионот, најголема цена на електрична енергија плаќаат домаќинствата во Словенија – 16,34 центи за киловат-час, а најевтина во регионот е во Косово – само шест центи за киловат-час. Во Србија домаќинствата плаќаат седум центи, а цената на киловат час во Црна Гора за домаќинства е 10,3 центи, додека во Хрватска е 13,2 центи за Квч, пренесува Bankar.me.

Регион

Добрите познавачи  на европскиот енергетски пазар велат дека евтината електрична енергија во Косово и во Србија се должи на водењето социјална политика преку цената на киловатите, иако електричната енергија одамна е берзански производ.

Според Европскиот завод за статистика, цената на киловат час електрична енергија во Македонија e 7,83 центи и е значително пониска од просекот на Европската унија (28) кој лани изнесуваше 21,4 центи за киловат-час

Косово со електрична енергија се снабдува од ни малку евтините извори на струја од термоелктраните, па најавените големи инвестиции во енергетскиот сектор во Косово ќе стават точка на ерата на евтина енергија, пишува порталот. Не е без значење и податокот дека косовското електростопанство со години има проблеми со наплата на струјата и има големи побарувања.

Босна и Херцеговина е најголемиот извозник на електрична енергија во регионот и спроведува големи планови за изградба на нови термо извори.

Цената на електричната енергија за домаќинствата во БиХ е 8,73 центи за киловат час и е малку повисока отколку во Албанија и во Македонија, каде што цената на електричната енергија за kWh е 8,4 и 7,83 центи, соодветно.

Најевтина електрична енергија

Благодарение, пред сè, на нуклеарната централа „Козлодуј“, бугарските домаќинства плаќаат најевтина електрична енергија во земјите на ЕУ само 9,99 центи на киловат-час.

Тоа е пониска цена на електричната енергија отколку во Црна Гора, но исто така и поевтина отколку во Хрватска и во Словенија. Интересно е што нуклеарната централа „Кршко“, чие производство од 5.500 GWh евтина електрична енергија е поделено подеднакво меѓу Хрватска и Словенија, а која по правило произведува евтина електрична енергија, немаше големо влијание двете земји од поранешна СФРЈ да имаат поповолна цена на електрична енергија.

Така, Словенија изненадувачки има поскапа електрична енергија од скапиот Исланд, чии домаќинства плаќаат 14 центи за киловат-час за електрична енергија.

Најскапа електрична енергија

Убедливо најскапа електрична енергија во Европа плаќаат домаќинствата во Германија и во Данска, дури 30,88 центи односно 29,84 центи на киловат-час. Ова се исто така највисоките познати цени на електричната енергија во светот.

Германците и Данците плаќаат за волку скапа електрична енергија како резултат на преминот кон „зелена енергија“, односно заради зголемениот удел во производството на ветерните електрани, малите биоелектрани и соларни централи во вкупната потрошувачка.

За време на кризата со коронавирусот, цените на електричната енергија, слично како и цените на нафтата, нагло паднаа кон крајот на март и почетокот на април

Поради политиката на „зелена енергија“, цената на електричната енергија во Германија и Данска практично се удвои во новиот милениум, па прагматичните Германци решија да ги намалат своите инвестиции во обновливи и алтернативни извори на енергија.

Поради огромните цени, а со тоа и сметките, во Германија поради нередовни плаќања во просек се исклучуваат 250.000 домаќинства од мрежата секоја година, а некои потрошувачи, според локалниот печат, се жалат дека енергетските компании автоматски пресметуваат највисока тарифа.

Струјата и короната

За време на кризата со коронавирусот, цените на електричната енергија, слично како и цените на нафтата, нагло паднаа кон крајот на март и почетокот на април, по што почнаа да се опоравуваат.

Во еден момент, како резултат на застанување на економијата, цените беа на историски минимум, а се појави страв кај европските енергетски компании дека потрошувачите нема да можат да ги плаќаат своите сметки. Но, се добива впечаток дека работите полека се враќаат во нормала, иако постои страв дека нема да има инвестиции како порано.

Најдобро помина Луксембург

Освен Германците и Данците, цената на електричната енергија над европскиот просек ја плаќаат домаќинствата во Ирска 24,23 центи по киловат час, Шпанија 24,03 центи, Италија 23 центи и Кипар 22 центи. Со 21,50 центи за киловат-час, Португалија е на ниво на европскиот просек, а Велика Британија со 21,22 центи / kWh е само малку под европскиот просек.

Поевтина електрична енергија во Европа, за киловат-час, ја плаќаат домаќинствата во Унгарија 11,2 центи, Литванија 12,55 центи, Естонија 13,57 центи, Романија 13,58 центи, Грција 15,95, Латвија 16,29 центи, Чешка 17,48 центи и Франција 17,78 центи.

Интересно е што, иако важат за скапи земји, цените на електричната енергија во Шведска и во Норвешка се под европскиот просек и изнесуваат 20,58 центи и 18,67 центи за kWh, соодветно. За секоја пофалба е најбогата европска земја – Луксембург, чии домаќинства плаќаат за тамошни услови евтини 17,98 центи за киловат-час.