Најегзотичните птици – фламинга и во Зоолошката во Скопје


Новото живеалиште за фламинга денеска свечено се отвори во Зоолошката градина во Скопје. Во ова живеалиште ќе живеат 15 фламинга кои се едни од најегзотичните птици.

Видот на птиците, како што информира на денешната прес-конференција Тина Мицковска од ЗОО Скопје, е големо или розово фламинго, кои се доста распространети птици. Ги има во Јужна Америка, Јужна Африка, во Европа, Португалија, Кипар, Албанија, во Шпанија. Се работи за 15 млади птици, кои имаат помалку од една година. Сè уште немаат повпечатлива боја, но ќе ја оформат до пет годишна возраст. Бојата ја добиваат преку пигмент од специјална храна со која ќе бидат хранети.
Внатрешниот дел на живеалиштето, како што информира градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, е на површина од околу 40 метри квадратни, терасата е на околу 120 метри квадратни, а има и посебно езерце направено по сите стандарди.
Непосредно до ова живеалиште, најави Шилегов, во тек е изградбата на живеалиштето за пингвините.

– Очекувам во текот на летниот период да може да ги претставиме и пингвините. Ќе имаме два вида на најегзотични птици во нашата Зоолошка градина. Ги повикувам скопјани да ја посетат, притоа да се придржуваат сите до протоколите, рече Шилегов.
Директорот на ЗОО-Скопје Ѓорѓи Галетановски соопшти дека изградбата била извршена од фабрика „Карпош“, а инвеститор е Град Скопје. За фламингата ќе се грижат негователите Маја и Војо.
– Се погриживме да изгледа естетски убаво. Се работи за егзотично нежни птици. Апелирам посетителите да водат грижа и да бидат претпазливи. Во текот на летото за првпат стигаат и пингвините, привршуваме и со тоа живеалиште, рече Галетановски.
Негувателот Војо рече дека се работи за специфични птици кои бараат посебна храна и нега. Овојпат, вели тој, некако храбар чекор направивме за да преземеме едно јато од 15 вакви птици.

– Јадат специјална храна за фламинга од Германија. За самото живеалишпте не беше важно само да го изградиме, туку внимававме на секој детал. Носевме земја од повеќе локации, собиравме растенија од каде стигневме. Сакавме да направиме поуникатно и поегзотично живеалиште, рече тој.