Најдолгиот аплауз за Билјана Беличанец: Никогаш нема да бидеш минато


Семејството, колегите, пријатели денеска за последен пат се простија од актерката Билјана Беличанец. На комеморацијата во Драмскиот театар во Скопје се потсетивме на нејзините најдобри улоги, на ведрината и нејзиниот раскошен талент. Присуствуваа сопругот Сашо Миленковски, нејзините две дечиња, како и голем број од актерите, режисерите од театрите низ земјава.
Актерот Дејан Лилиќ се присети дека при нејзиниот трансфер од прилепскиот во Драмскиот театар во 1997 година, токму тој ја пречекал на сцената. Лилиќ рече дека е премногу тешко што истата таа сцена сга ја испраќа во вечноста.
– Не е фер. Требаше уште мнгоу да работиме заедно, јас, ти и твојата весела дружина. Билјана, никогаш нема да бидеш минато, секогаш ќе бидеш со нас во сегашноста. Оние што добро те познаваат, знаат дека си голем човек со огромно срце и душа и за себе и за сите нас. Ти не глумеше на сцената, ти живееше овде, ѕвер од актер и ангел од човек – рече Лилиќ низ солзи.


Драган Спасов – Дац како еден од колегите со кого често настапуваа партнерски на сцената рече: Ми изразуваат сочувство за тебе. Се прашувам зошто баш мене?! Веројатно затоа што на оваа сцена ти беше мојата Цвета, мојата Сара, мојата Сузана…мојата Билјана Беличанец – рече Дац и им порача на нејзините две дечиња да се гордеат со мајка им, бидејќи имаат силна причина за тоа.
Од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ и градот Прилеп истакнаа дека се горди што нејзината кариера започнала токму во нивниот театар.

„Почетоците никогаш не се забораваат. Веднаш по нејзиното дипломирање се вработи кај нас. Тоа беше храбра одлука, но во исто време и порака до младите глумци да не чекаат пред вратите на скопските театри, туку да дојдат во внатрешноста и да го покажат она што го носат во себе“, порачаа од приелпскиот театар.
Актерката Снежана Коневска – Руси се потсети на нивните приватни дружби, подеми и падови. Рече дека прстенчето кое го добила од Беличанец на поклон се го носи на малиот прст.
– Ми фали да ми раскажуваш за идеите за новите драми, за поезијата која ја пишуваше, за книгата која ја подготвуваше. Додека мене моливот со идеи ми стана тап, ти имаше безброј идеи во себе. Биле, ќе те чекам…или барем ти чекај ме мене – рече Коневска – Руси.
Беличанец својата последна претстава ја одигра во март на 9 март. тоа беше претставата „Љубовници“, авторски проект и во режија на актерката Катерина Коцевска.
„Твојата последна претстава не требаше да биде во март 2019, туку во 2069 година. Тоа ќе беше природно, ова не е“, рече Коцевска.
Од гледалиштето на сцената на која одигра најголем број улоги и претстави, актерката Билјана Беличанец го доби најдолгиот и најгласниот аплауз.

И.Настеска

фото: Б. Грданоски