Најцрна година на патиштата: За шест месеци – 70 жртви!


Фото: Б. Грданоски

Во првите шест месеци, во сообраќајни незгоди на патиштата во државата загинале 70 лица. Лани, според податоците од СВР-Скопје, вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи е 118. За Форумот за граѓански активизам, оваа година е најцрна на патиштата последните две децении и потребни се итни системски промени.

– За споредба, во првите шест месеци годинава има зголемување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди за 20 проценти во споредба со лани, a во споредба со 2017 година оваа бројка е зголемена за 25 проценти, појаснуваат од Форумот за граѓански активизам.

Оттаму посочуваат дека постојат само декларативни заложби, но намален интензитет на активности и реформи и никакви суштински и системски промени.

– Македонија нема институционален капацитет за да се справи со безбедноста на сообраќајот. Ова се согледува преку секојдневно следење на фрапантните статистички податоци за сообраќајните незгоди – оценува Форумот.

Оттаму потсетуваат дека Европската комисија во јуни оваа година објави стратегиски документ со кој преку индикатори ќе се следи состојбата на безбедноста на патиштата во земјите членки на Унијата. Во таа насока документот предвидува намалување на бројот на жртви во сообраќајни за 50 проценти до 2030 година.

– Институционалните промени треба да бидат координирани, а пред се насочени кон реформа и зајакнување на легислативата од страна на Министерството за внатрешни работи, вложување во инфраструктура и изградба на модерни патишта од страна на Министерството за транспорт и врски, побрз одговор при случена сообраќајна незгода од страна на Министерството за здравство и конечно формирање на водечко тело за подигнување на безбедноста на патиштата кое треба да биде грижа на Владата – повикуваат од Форумот за граѓански активизам

Најчести фактори за случување на сообраќајните незгоди со потешки последици лани според СВР-Скопје, биле брзо возење, непочитување на првенство на минување, управување под дејство на алкохол, не држење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и грешка на пешаци.

Истражувањата покажуваат дека 86 проценти од возачите во Република Северна Македонија барем еднаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината, а 20 проценти од нив, тоа го прават често. РСБСП со апел до возачите: „Намалете ја брзината, возете смирено и безбедно. Почитувајте ги правилата за ограничување на брзината и уживајте во патувањето“.

Индикаторот на смртност го надминува просекот на ЕУ за 16 проценти, наведено е на веб страницата на РСБСП. Според податоците на Евростат. во сообраќајни несреќи на патиштата низ ЕУ во 2017 година имало околу 25 илјади жртви, што значи 50 фатални сообраќајки на еден милион жители.