Најчевска: Бугарите во Уставот само ако се признае македонското малцинство


Во македонскиот Устав не смеат да влезат Бугарите без во исто време да биде признаено македонското малцинство во Бугарија.

Ова го сугерира професорката Мирјана Најчевска, откако вчера бугарскиот премиер Кирил Петков пред парламентот во Софија рече дека е договорено Бугарите да бидат впишани во Уставот на РС Македонија, а дека за рокот кога тоа ќе се случи, се уште се преговара.

Професорката се прашува и колку Бугари навистина има во Македонија.

„Прво, не знаеме дали има Бугари во Македонија. Да видиме колку се изјасниле како Бугари на последниот попис (2, 3, 100, 200?).

И, второ, Бугарите не смее да влезат во Уставот на Македонија без во исто време да биде препознаено и признаено македонското малцинство во Бугарија. Со сите права кои припаѓаат на едно малцинство согласно меѓународните договори кои ги има ратификувано Бугарија.

Секоја друга постапка е срам и понижување за државата и ќе претставува неверојатен удар врз и онака многу нискиот рејтинг кој го имаме на меѓународно ниво“, се вели во реакцијата која професорката Најчевска ја објави на својот фејсбук профил.