Најбогатиот Французин неодамна стана уште побогат


Франција – Најбогатиот Французин Бернар Арно, шеф на францускиот концерн за производство на скапоцена стока „Луј Витон Мое Хенеси“ (ЛВМХ), го зголеми минатата недела своето богатство за осум милијарди долари, во период на пораст на цената на акциите, пишува „Форбс“.

Со тоа вкупното богатство на Арно изнесува 122 милијарди долари, но „Форбс“ напоменува дека таквите промени на неговото салдо не значат дека состојбата во компанијата се движи кон подобро.

Имено, Луј Витон, кој е сопственик на брендовите, како што се Bvlgari, Guerlian и Dom Perignon, соопшти дека намалувањето на добивката изнесува 21 отсто во првите девет месеци од годинава.

Приходот од продажбата на козметика, пијалак, накит и малопродажбата во третото тримесечие, бил помал отколку во истиот период минатата година. Меѓутоа, добивката од продажба на кожна галантерија и облека се зголемила 12 отсто, најмногу благодарејќи на силната продажба од модните куќи Луј Витон и Диор.