Најбогатиот Британец и заговорник на „Брегзит“ се пресели во Монако

Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и еден од водечките заговорници за „Брегзит“, ја напушти Велика Британија и се пресели во Монако.

Ретклиф, чие богатство се проценува на 17,5 милијарди фунти, официјално го пријави како своја резиденција Монако, град-држава која веќе стана дом на многу богати Британци.

Според Гардијан, се проценува дека оваа промена ќе му донесе заштеда од околу четири милијарди фунти, кои тој нема да мора да ги плаќа на име даноци. Оние што живеат во Монако најмалку 183 дена во годината се ослободени од плаќање данок на имот и приход. Од друга страна, весникот потсетува, во Велика Британија, највисоката даночна стапка за приходи повисоки од 150.000 фунти годишно е дури 45 проценти, пренесува Политика.

Пред официјално да се пресели во Монако, Ратклиф беше трет на листата на најголеми даночни обврзници во Велика Британија, со платени 110 милиони фунти во 2017 и 2018 година.

Неговата одлука да ја напушти својата родна земја уследи набргу откако тој ја доби титулата витез од кралицата Елизабета Втора. Исто така, Ретклиф, основач и директор на петрохемискиот гигант „Инеос“, беше еден од гласните заговорници на „Брегзит“.