Најавен нов пат до Меџитлија и пуштање на пругата Битола – Кременица

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од Битола најави нови патишта, пуштање на пругата до Кременица и силна реализација на капиталните проекти.

„Капиталните проекти се врвен приоритет на Министерството за транспорт и врски и затоа ставаме силен фокус на нивна реализација. До крај на годината следи силна градежна офанзива и ќе го искористиме секој момент да сработиме што е можно повеќе затоа што тоа е многу важно за економијата. Денеска сум во прва посета во Битола и Пелагонија каде имаме крупни капитални проекти што ги реализираме во комуналната, железничката и патната инфраструктура“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот заедно со градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, извршија увид во изградба на канализациони и водоводни линии на три улици во Битола, вредност на проектот од 1, 5 милиони евра,

Министерот Бочварски истакна дека ова е многу важен проект за жителите, особено со кои се подобруваат условите за живеење и потенцираше дека во следниот период посебен фокус ќе се стави на овие проекти.

„Работата на изградба на комуналната мрежа тече според утврдената динамика, имаме одлично темпо на работа и според најавите од изведувачот очекувам проектот да се реализира до крај на годината. Дополнително што сакам да најавам дека деновиве во Министерството го завршуваме и тендерот за изградба на канал за сливни води низ неколку улици до Буковски гробишта, исто така значаен проект за Битола. Би сакал да потенцирма дека следниот месец преку ЈП за државни патишта ќе се распишат тендери за рехабилитација на патните правци од Битола до Меџитлија, потоа од Битола до Демир Хисар и делот од Фариш до Прилеп. Во овој момент се врши проектирање за изградба на нов експресен пат со обиколница од Битола до Меџитлија. Можам да ветам дека поддршката ќе продолжи во континуитет и заеднички ќе реализираме проекти за развој на Битола и цела Пелагонија”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот информираше дека се вршат последните тестирања на новата пруга од Битола до Кременица и очекува до крај на годината да се пушти во употреба железничката станица во Жабени.

За општина Битола, проектите во целокупоната инфраструктура се многу значајни заради ексономски развој на градот и регионот, а пред се за подобрување на животот на Битолачни и жителите што гравитираат околу овој регион.

„Само за двата инфраструктурни проекти на ул. „Партизанска“ и „Илинденска“, кои што јас ги сметам за капитални по самата инвестиција од аспкет на учество на двете страни, Општина Битола вложи девестотини илјади евра, а Министерството за транспорт и врски шестотини и педесет илјади евра, што го покажува и потврдува партнерскиот однос на министерството и општината граден и во изминатиот период и нешто што дава потврда и за натамошни проекти. И проектот кој што е одобрен за каналот кај стадионот, ни дава можност за реализација на ул. „Крушевска Република“, која ќе донесе големо сообраќајно растеретување. На ул. „Илинденска“ се одвиваат активности на 10 делници, едната е веќе со затворен коловоз, три со завршена фекална и атмосферска канализација и се изведува тампонирање, по што ќе се асфалтираат. Мора да се делува по делници, бидејќи должината на улицата е над 2,1 километар. Тоа се багерите за кои што зборувавме и тие кои што сакаат да ги видат, без да гледаат со зли намери, како граѓани, можат да ги видат“, изјави Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола

Претходно, министерот оствари средба со градоначалничката на која разговраа за реализација на идни инфраструктурни проекти.