Најавата за нови рестриктивни мерки ги мобилизира угостителите – бараат итна средба со Комисијата за заразни болести


Фото: Б. Грданоски

Независна угостителска комора (НУК) достави барање до Комисијата за заразни болести за учество на угостителите на работниот состанок утре по повод најавата за целосно заклучување или нови рестриктивни мерки наменети за работењето на угостителските објекти.

„Со цел да ги избегнеме погрешните изјави за медиумите на членовите на Комисијата за заразни болести дека новите препораки за рестриктивни мерки за работа на угостителските објекти се донесени повторно во координација со угостителите и коморите доставивме барање за учество во понеделничкиот состанок на кој Комисијата ќе ја разгледува потребата од нови рестриктивни мерки за начините на работењето на угостителската индустрија“, соопштија од НУК.

„По повод вчерашните информации во медиумите дека дел од членовите на Комисијата за заразни болести се залагаат за целосен локдаун на сите угостителски објекти од 31 декември до 8 јануари, како Независна угостителска комора утринава доставивме барање за учество во понеделничкиот работен состанок на претставници на нашата комора и претставници на останатите комори за туризам и угостителство на кои се планира да се донесат овие препораки за нови рестриктивни мерки за угостителите и угостителската индустрија“, се додава во соопштението.

Од НУК додаваат дека со нивното учество бараат да им се овозможи да ги слушнат „грижите и оправдувањата на членовите на Комисијата за заразни болести поради кои сака да ги усвои најавени рестриктивни мерки“, а истовремено и да им овозможи пред тие да се достават до Владата да укажат „за нивните недоследности, нелогичности, очекувани негативни ефекти и општествени последици не само за сите угостители и целокупната угостителска индустрија туку и за сите граѓани на нашата држава“.

Од НУК уште порачуваат, како што велат, наместо да се троши бесполезно време во парцијални и моментални ад хок одлуки, Комисијата да ги засука ракавите и да помогнат во изработка на стратешка програма и стратегија со предлог мерки, решенија и т.н. протоколи наменети за целокупната угостителска индустрија за начините на работењето во наредната 2021 година.