Награди за „Ана Каренина“ во режија на Пројковски на Театарскиот фестивал во Шабац


Претставата „Ана Каренина“ во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, ги доби наградите за најдобра претстава во целина, најдобра режија и најдобар актер и актерка на синоќешниот Театарскиот фестивал „Театарска пролет“ во српскиот град Шабац.

За најдобар актер наградата ја доби Арпад Месарош, а за најдобра актерка – Тимеа Филеп.

Претставата „Ана Каренина“ ја оценуваше жири во состав на Зијах Соколовиќ, Слаѓана Килибарда и Ирфан Менсур.

Наградите на овој Фестивал се последни во низата од 22-те награди што во последните две години ги доби овој врвен театарски продукт на Пројковски, премиерно изведен во ноември 2019 година во Србија и во странство.

„Ана Каренина“ ги понесе наградите на повеќе фестивали во Србија во изминатите две години, како што се Фестивалот на професионални театри на Војводина, Фестивал „Тврѓава“ и „Борини театарски денови“ во Врање. Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Каренина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.

Со овие награди, „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на новосадскиот Српски народен театар, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, во нашата држава и во регионот.