Наградени шест автори од земјава и странство на Меѓународниот фестивал за кратки книжевни форми
Шест автори од земјава и странство се добитници на наградите од конкурсот на Меѓународниот фестивал за кратки книжевни форми, што го организираше Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје.
Творбите беа во шест категории: поезија, проза, есеј, критика, драма и творештво за деца, а единствен услов беше трудовите да не бидат поголеми од една страница текст.
Како што соопштија организаторите, наградени се Наталија Неделкова од Бугарија за поезија, Фрањо Франчич од Словенија за проза, проф.д-р Милутин Ѓуричковиќ од Србија за драма, проф.д-р Саша Делиќ од Босна и Херцеговина за творештво за деца, и од нашата држава проф.д-р Виолета Николовска за есеј и проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска за критика.
Инаку, на конкурсот пристигнале повеќе од 1.000 творби од над 500 автори од земјава и странство.
Во жири-комисијата беа проф.д-р Христо Петрески, проф.д-р Даниела Андоновска – Трајковска и Искра Пенева.
Избраните и наградените текстови се објавени во електронското издание „Современи кратки книжевни форми”, во издание на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје.