Наградата на нобеловците ќе им се доделува дома

Овогодишните добитници на Нобеловата награда за медицина, физика, хемија, литература и економија нема да патуваат во Стокхолм за првпат од 1944 година за да ги примат своите награди поради епидемијата на новиот коронавирус, соопштија организаторите.

Наместо свеченост во главниот град на Шведска, добитниците ќе ги примат медалите и дипломите во државите во кои живеат, се вели во соопштението на Нобеловата фондација.

Наградите традиционално се доделуваат на 10 декември, денот на смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ја основа наградата. На тој ден, шведската телевизија ќе емитува емисија во која ќе биде прикажано доделувањето на наградите од оваа година во различни делови на светот, објави Нобеловата фондација.

Норвешкиот комитет за Нобелова награда, кој ја организира Нобеловата награда за мир во норвешката престолнина Осло, објави дека годинашната церемонија нема да се одржи во Градското собрание поради пандемијата туку во универзитетската сала каде што веќе беа доделени наградите од 1947 до 1989 година.

Ќе има ограничен број луѓе на церемонијата во Осло, а банкетот, што традиционално се одржува по доделувањето на Нобеловата награда за мир, е откажан.

Добитниците на Нобелова награда се објавуваат во октомври, а церемониите традиционално се одржуваат на 10 декември во Стокхолм и Осло.