Наградата „Менада“ на „Танц фест“ постхумно за Антон (Тони) Баталаков и специјална награда за Општина Битола
Бордот на интернационалниот фестивал ТАНЦ ФЕСТ 2026, за 22-то издание, донесе одлука Наградата МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност да ја додели постхумно на балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Антон (Тони) Баталаков.
Воедно, со оглед на развојот на фестивалот и официјално во други градови освен Скопје, и одличната соработка која ја остваруваме годинава со Општина Битола, Бордот на фестивалот доделува Специјална награда МЕНАДА за поддршката на современиот танц на Општина Битола и Градоначалникот Тони Коњановски.
Специјалната награда не се доделува секоја година, туку само кога ќе се препознаваат соодветни вредности во насока на развојот на современата танцова уметност кај нас.

„Антон (Тони) Баталаков (1945–2021) е балетски уметник, професор, педагог, репетитор, асистент кореограф, режисер и долгогодишен директор на балетот, чиј животен и творечки пат се неразделно поврзани со развојот, афирмацијата и уметничкото созревање на балетската сцена во Македонија. Роден е во Скопје, кадешто по завршувањето на гимназијата „Цветан Димов“ и Балетското училиште, се вработува во Балетот при МНТ, реализирајќи се во годините што следуваат како комплетен уметник и општественик. По извонредната балетска кариера, Тони Баталаков го презема раководењето со Балетот, како негов шеф, а потоа и како негов директор и во историјата на македонската балетска куќа, тој е впишан и како нејзин најдолгогодишен директор (1979 – 1989), 10 години кои стануваат златните години на балетот. Баталаков го развива и позиционира домашното кореографско творештво, а под неговото раководство Балетот на Македонскиот народен театар настапува на бројни фестивали и гостувања во странство, меѓу кои Австрија, Грција, Франција, Канада и др. освојувајќи значајни признанија и награди и афирмирајќи го македонскиот балет на меѓународната културна сцена.“
„Со оглед на севкупната дејност на Антон (Тони) Баталаков, неговата извонредност како балетски уметник, педагог и директор кој остава неизбришлива трага во развојот но и врвните години на македонскиот балетски ансамбл, Бордот на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје, на 22-то издание, со огромно задоволство, постхумно, му ја доделува наградата „МЕНАДА за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност!!!“ – стои во одлуката на Бордот на фестивалот Танц Фест 2026.
Проф. д-р Рисима Рисимкин,
Претседател на Бордот на фестивалот Танц Фест 2026