Наградата „Ана Линд“ доделена на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја


Стокхолм – Наградата „Ана Линд“, создадена во спомен на поранешната шефица на шведската дипломатија, Ана Линд, денеска и беше доделена на лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, за нејзината борба за демократија, пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на соопштението на Фондацијата „Ана Линд“.

Наградата е во вредност од 100.000 шведски круни (8.537 евра) и се доделува „главно на жени и млади луѓе кои, како Ана Линд, демонстрираат храброст во борбата против рамнодушноста, предрасудите, угнетувањето и неправдата“, се наведува во соопштението на фондацијата.

Четириесетгодишната Светлана Тихановска, која живее во егзил во Литванија, стана водечка фигура на белоруската опозиција по претседателските избори во Белорусија, за кои опозицијата тврди дека биле наместени од претседателот Александар Лукашенко, кој владее со поранешната советска република од 1994 година.

„Таа неуморно ја продолжува својата борба. Светлана Тихановска е симбол на слободна и демократска Белорусија“, се додава во соопштението.

Наградата беше воспоставена по трагичната смрт на социјалдемократката Ана Линд во 2011 година. Линд беше убиена од човек со психијатриски проблеми, кој рече дека го извршил злосторството од „политичка омраза“.

Наградата треба да и биде доделена на церемонија во Стокхолм на 11 септември, на 20-годишнината од смртта на Ана Линд.