Награда на ЕК за промоција на пешачењето и возењето велосипеди

Европската комисија распиша конкурс за Осмата награда на Планот за одржлива урбана мобилност (СУМП), наменета за локалните власти ширум Европа, која годинава е насочена кон развој и промовирање на пешачењето и возењето велосипеди.

Според Еврокомисијата, цел на наградата е да се поттикнат локалните власти да го усвојат Планот за одржлива урбана мобилност (СУМП) и да бидат наградени за извонредни постигнувања во тематските приоритетни области, кои се различни секоја година.

Мотото на овогодишната награда е „Пешачете со нас!“ и е насочена кон интегрирање на безбедната активна мобилност во одржливото урбано мобилно планирање, поттикнување на развојот и промоцијата на пешачењето и возењето велосипеди како начин за градски превоз и подобрување на безбедноста на пешаците и велосипедистите.

Право на учество на конкурсот имаат локалните власти од земјите членки на ЕУ и Европското економско пространство (Норвешка, Исланд и Лихтенштајн), како и државите кандидати за членство во Унијата – Северна Македонија, Албанија, Србија, Турција и Црна Гора и земјите опфатени со Процесот на стабилизација и асоцијација – Босна и Херцеговина и Косово.

Рокот за пријавување на конкурсот истекува на 31 октомври, по што специјално жири на почетокот на декември ќе ги избере кандидатите за наградата. Победникот и двајцата други финалисти ќе бидат објавени на крајот на декември годинава или почетокот на јануари 2020 година, а наградите ќе бидат врачени во март или април следната година на церемонија во Брисел.

Наградата СУМП е воведена во 2012 година и досегашни нејзини добитници се градските власти на Манчестер (Велика Британија), Турда (Романија), Брисел (Белгија), Малме (Шведска), Бремен (Германија), Ривас Васијамадрид (Шпанија) и Абедрин (Велика Британија).