Наесен ќе се решава судбината на зимскиот центар Попова Шапка


Одлуката како ќе се развива зимскиот центар Попова Шапка, Владата ќе ја донесе по анализата на „Прајсвотерхаус Куперс“. Длабинскиот увид и физибилити-студијата треба да покажат која е економската оправданост за инвестиции.

„До 20 октомври ‘ЕЛЕМ турс’ треба да ја добие анализата на „Прајсвотерхаус Куперс“ која се однесува на моделот на трансформација и ние како Влада ќе одлучиме на кој начин во иднина ќе ја развиваме Попова Шапка. Може да се даде под концесија, може да се даде на јавно-приватно партнерство, но ние не можеме да донесеме одлука пред да имаме готова анализа за економската оправданост“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот вели дека Владата е посветена да се врати сјајот на Попова Шапка како туристичка дестинација.

„Жичницата на Попова Шапка е во завршна фаза и во моментов вработени во ‘ЕЛЕМ турс’ се обучуваат за да се стави во функција. На сите посетители на Попова Шапка ќе им обезбедиме дополнителна можност за да ја користат жичницата која ги исполнува сите меѓународни критериуми, не само во текот на зимската сезона за скијање, туку ја разгледуваме можноста жичницата да работи и во други сезони земајќи го предвид растечкиот тренд на планинскиот туризам“, кажа Бектеши.

Истовремено, во тек е реконструкцијата на патот од Тетово до Попова Шапка што води до зимскиот центар Попова Шапка. Реконструкцијата на делницата од 18,2 километри се очекува да заврши до септември.