Надзорот за коридорите 8 и 10д е најевтин досега за изградба на автопат, вели Ковачевски


Сите информации што се од јавен карактер и сите податоци за изборот, и на проектантот, и на изведувачот и на надзорот се јавно достапни во Бирото за јавни набавки. Може да отпочнат какви било постапки, а јас третпат го повикувам и Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија да спроведат постапка за која имаат законска надлежност во однос на сите информации кои се достапни. А сите одлуки на Владата ќе бидат доставени со материјалите до Антикорупциската комисија, рече премиерот Димитар Ковачевски на седница на пратенички прашања во Собранието.

Тоа беше одговор за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на собраниската седница за пратенички прашања кој праша дали треба да се отвори истрага за фирмата за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д во вредност од 22 милиони евра и зошто е избрана фирма без искуство за надзор која, како што рече, преку ноќ добила лиценца за надзор, како и грант државни пари од ФИТР.

Споредувајќи со други инфраструктурни проекти, Ковачевски рече дека вредноста на надзорот е најниска во вкупното учество на изградба на патишта досега.

– За коридорот 8 и коридорот 10д, процентот на вредноста за надзор и изградба на патот е 1,69. Значи, од вредноста од една милијарда 300 милиони евра од Договорот за проектирање и изградба за коридорот 8 и коридорот 10д, надзорот е 22,3 милиони евра или 1,69 проценти, што е најниско учество на надзор во вкупен проект на кој било автопат досега во државата, рече премиерот.

Тој демантираше дека биле барани пари и повика владите на Турција и на САД да дадат информација дали во текот на изминатите две години, колку што трае подготовката на овој проект, на некој од нив или нивни компании им биле побарани пари од нашата држава.

– Ова е прашање до Владата на САД и до Владата на Турција, рече Ковачевски.

Во однос на прашањето за надзор на коридорите, одговараше и вицепремиерот Артан Груби кој бил вклучен како претседател на Управувачкиот комитет на Владата за преговорите за изградба на двата коридора. 

– Цела постапка е запазена и е помината низ сите управни постапки во државата, рече Груби.

Тој му одговори на Лефков и на барањето за објаснување за судир на интереси поради трансфер на пари од државата за фирма на неговиот брат. Во отсуство на обвинител, рече Лефков, ја прашува вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска  дали со тоа се прекршени критериумите од Етичкиот кодекс за однесување на членови на Владата.

Груби одговори дека фирмата добила субвенција како и другите фирми во земјава за време на пандемијата.

– Во државата за време на пандемијата субвенции од буџетот на државата добиваа сите компании за времето кога не работеа, ги субвенциониравме сите вработувања во компаниите во државата. Ако има каков било сомнеж, поднесете документи да се истражи, ако има каков било криминал, тука сум, рече Груби и додаде дека  за овие обвинувања ќе има тужба на суд за клевета и таму ќе ги соочат фактите.