За три месеци извозот поголем за 210 милиони евра


Во одвивањето на трговијата со соседните земји нема никакви проблеми, рече денес на прес конферецнија директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, на која зборуваше за новините во царинското работење и за резултатите во надворешната трговија.

„Според податоците на Царинската управа, вкупната вредност на извозот во првите три месеци од годинава беше 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарди евра што е повеќе за 210 милиони евра во однос на истиот период лани. Вкупната количина на извезени стоки изнесува 702.650 тони“, рече Танасоски.

И покрај исклучително тешките услови, извозот на свеж зеленчук во март 2020 година е поголем за околу 3.000 тони во споредба со 2019 година, додека кај вредноста се бележи намалување, односно беа извезени произиводи за 290 илиони денари или 4,7 милиони евра. Кај свежото овошје има пораст, односно извозот беше поголем за околју 1 милион евра и изнесуваше 3,7 милиони евра или околу 9.126 тони.

„Царинската управа заедно со другите институции во земјава прават исклучителни напори за одржување на економската активност и за извршување на извозот. Како резултат на дигиталната царина и безхартиената царинска околина, со воведување на новиот софтвер, од 1 април 2020 година царинската постапка за извоз е целосно без хартија“, рече Танаскоски.

Тоа практично значи дека секој извозник, покрај тоа што не треба да поднесува хартиена царинска декларација за извоз, не е потребно да ги поднесува ниту придружните царински документи како фактура и ЦМР, порача првиот човек на Царината.

На овој начин, како што рече, придобивките од модернизацијата на царинското работење и дигитализацијата, покрај олеснување на трговијата во ова кризно време придонесуваат за избегнување на физичкиот контакт помеѓу економските оператори и Царината. Исто така се овозможува царинење во текот на 24 часа дневно, нагласи Танасоски.